Бектеши: Ќе бараме оштета од Бугарија и ЕУ за таксата на рускиот гас

Министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши Најави во средата дека ќе бараат оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата од 10 евра доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој државата се снабдува со гас од Бугарија.

Бугарија го воведе новиот таканаречен „енергетски придонес“ за увоз и транзит на руски гас во износ од 20 лева (10,80 долари) за мегават час, по што предизвика силни реакции кај Србија и Бугарија коишто потегот го нарекоа непријателски. Оваа цена ќе се плаќа за секои скоро 1000 кубни метри увезен или транзитен гас и е приближно 20 проценти од цената на гасот на енергетските пазари во моментов. Законот во Бугарија стапи на сила на 13 октомври.

Бектепи рече дека Бугарија до 2030 година му ги отстапила сите капацитети на овој гасовод на рускиот „Гаспром“ со исклучок на капацитетите кои лани беа ослободени.

„Ослободувањето на капацитетите е обврска на Европската Унија согласно начелата за целосна либерализација на пазарите. Не може да се воведе такса само за една држава. Во делот на гасоводот на Бугарија со Србија не се закупени капацитетите од страна на „Гаспром“ што значи дека Србија може да користи и други извори освен рускиот гас, а во случајот на нашата држава сами го имаат дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Гаспром“ до 2030 година, освен последните што лани беа ослободени“, вели Бектеши.

Видете и ова: Дали бугарскиот данок на рускиот гас ќе ги зголеми цените - сите чекаат одговор од ЕУ

Тој додаде дека затоа бараат веднаш да се ослободат капацитетите и државата да има можностда биде снабдувана и од други извори за потребите што ги има, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите.

Бектеши рече дека додека е министер за економија нема да прифати никаква уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата.

„Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите не само кон нашата држава, туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука“, рече Бектеши.

Тој наведе дека во случај Бугарија да не ги ослободи капацитетите, ќе ги користат моменталните капацитети коишто ги има државата и дека ќе бараат дополнителни отштети од Бугарија и Европската унија.

„Бидејќи бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување на дополнителни такси. Одлуката на Бугарија е нивна внатрешна одлука, но треба да се има предвид и јасно и отворено да им се каже дека ако носат такви одлуки треба да носат и други одлуки со кои ќе се ослободат капацитетите за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со Северна Македонија“, нагласи Бектеши.

Видете и ова: Руски Газпром ќе испорача дополнителен гас за Унгарија и Кина

Претходната година, како што посочи, се ослободени одредени капацитети во делот на гасоводот што дравата го има со Бугарија, но дека тие не се доволни за побарувачката и потребите на земјата. Тоа секако би влијаело на цената на природниот гас кој генерално го користи стопанството и компаниите кои работат во зоните, додаде Бектеши.

Тој исто така нагласи дека е во постојан контакт со компаниите и дека веќе реагирал кај Енергетската заедница и кај Европската комисија за проблемот со новата такса во Бугарија.