Две лица повредени при пукање во „Ист гејт“ Мол

Министерството за внатрешни работи (МВР) објави фотографија од човекот кој пукал со огнено оружје кон две лица во трговскиот центар Ист Гејт во Скопје.

Повредени се две лица, откако попладнево врз нив било пукано во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје. Повредените се пренесени во болница.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициски екипи се упатени во молот и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Министерството за внатрешни работи (МВР) објави фотографија од човекот кој пукал со огнено оружје кон две лица во трговскиот центар Ист гејт во Скопје. МВР ги повикува граѓаните доколку го виделе овој човек или имаат какви било сознанија за него или корисна информација, да пријават во полиција.

Едно од повредените лица е во критична состојба и се наоѓа на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, потврдил за МИА директорот на Клиниката, Љубен Арсенков. Тој вели дека повредениот е на операција и има повреди на стомакот и на градите. Другото лице е пренесено на Клиниката за торакална хирургија. Повредените се мажи и кај двајцата се работи за прострели рани, вели Арсенков.

Ова е втор вооружен инцидент во шопинг центарот за два месеци. На 25 август годинава, имаше пукање во гаражите во молот. Тогаш беше пукано кон Раде Трајковски – Штекли, поранешен затвореник, но тој не беше погоден, оти возилото со кое се превезувал било блиндирано.

Видете и ова: Се „гуши“ ли Скопје од трговски центри среде беспарица и бетон

Автомобилот од кој било пукано, потоа беше пронајден запален.

Од трговскиот центар Ист Гејт Мол соопштија дека по обезбедување на сите потребни безбедносни мерки продолжиле со работа.

Инцидентот со огнено оружје се случил во 15:00 часот, во подземните нивоа, информираат од трговскиот центар.