Руски Газпром ќе испорача дополнителен гас за Унгарија и Кина

Унгарскиот премиер Виктор Орган и рускиот претседател Владимир Путин на средба во Кина, 17 октомври 2023

Руски Газпром ќе испорача дополнителен гас на Унгарија во текот на претстојната зима, а исто така ќе обезбеди дополнително 600 милиони кубни метри и за Кина оваа година, изјави директорот на компанијата Алексеј Милер.

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со лидерите на двете земја за време на минатонеделната посета на Кина. Милер беше меѓу шефовите во компанијата кои беа дел од делегацијата што го следеше Путин на патувањето.

Видете и ова: Дали бугарскиот данок на рускиот гас ќе ги зголеми цените - сите чекаат одговор од ЕУ

Газпром сака да го надомести губењето на поголемиот дел од пазарот во Европа по агресијата што Русија ја почна врз Украина, пред сè, поради експлозиите што минатата година сериозно го оштетија гасоводот „Северен тек“ под Балтичкото Море. Истрагата дополнително треба да утврди кој е одговорен.

Унгарија е единствената членка на ЕУ чиј лидер, премиерот Виктор Орбан, одржува пријателски однос со Путин од почетокот на руската агресија во Украина во февруари 2022 година.

На средбата во Пекинг во вторникот, Орбан му рече на Путин дека Унгарија никогаш не сакала да ѝ се спротивстави на Русија и оти се обидува да ги спаси билатералните односи. Американскиот амбасадор во Будимпешта рече дека одлуката на Орбан да одржи состанок со рускиот претседател е „загрижувачка“. Естонскиот премиер, пак, посочи дека фотографиите како двајцата се ракуваат се „многу, многу непријатни“.

Видете и ова: Кина негира дека го проширила нуклеарниот арсенал

Унгарија се смета и дека е клучен потенцијален противник на одлуката што треба да се донесе во декември за отворање на пристапните преговори на Украина за членство во ЕУ, за што е потребна согласност од сите 27 земји-членки.

Како одговор на војната што ја започна Русија, ЕУ генерално ја намали зависноста од руските енергенси.

Милер, како што пренесе руската новинска агенција ТАСС, во телевизиско интервју рече дека испораката на гас за Унгарија оваа година изнесува 1,3 милијарди кубни метри.

„И имаме договор дека наредната зима континуирано ќе испорачуваме дополнителни количини“, рече тој.

За Кина, пак, посочи дека дневната побарувачка го надминува договореното ниво на испорака.

„Ние редовно испорачуваме дополнителни количини за кинескиот пазар. Тоа го правиме неколку година“, рече Милер додавајќи дека годинава дополнителната количина ќе биде 600 милиони кубни метри гас.