Бездржавјанството како феномен е распространето насекаде низ светот. Агенцијата за бегалци при Обединетите нации има мандат да им помогне на државите да го решат бездржавјанството насекаде во светот. Македонските институции покажуваат напредок во справувањето со овој феномен. Само изминатава година бројот од 700 луѓе кои не беа внесени во државнит систем е намален на 216. Земјите од Западен Балкан покажуваат напредок, но потребни се повеќе напори и политичка волја за да се искорени тој феномен до крајот на 2024 година, вели помошник заменик висок комесар за заштита при УНХЦР Џилијан Тригс во ексклузивното интервју за Радио Слободна Европа, која во вторникот беше дел од меѓународната конференција во Скопје на оваа тема.
Целта на кампањата „ Јас припаѓам“ на УНХЦР е до 2024 година да се стави крај на бездржавјанството. На само неколку месеци пред истекот на тој рок, дали оваа цел е остварлива во Југоисточна Европа?
Да, јас мислам дека е тоа едноставен одговор. Ние видовме значаен напредок во менаџирањето на тие бројки на луѓе без државјанство, што е навистина позитивно. Ние мислиме дека најмалку шест илјади луѓе се стекнаа со државјанство во изминативе неколку години, и вложен е голем напор, посебно во овој регион, да се идентификува кој е без државјанство или во ризик од бездржавјанство, и да се осигураат дека со текот на времето ќе се стекнат со државјанство.
Краткиот одговор е дека ова е регион каде што гледаме позитивно движење во постигнување на таа цел, но тоа не е слика во другите делови од светот.
Македонската влада посериозно внимание на овој проблем му посвети во 2021 година, со измени на неколку закони за да го олесни пристапот до документи на граѓаните кои немаа државјанство, по јавниот притисок откако починаа две момчиња кои немаа пристап до здравствена заштита затоа што немаа документи. Што му недостасува на македонскиот систем за да го сведе на нула бројот на лица без државјанство?
Тоа е многу важна поента, дека овие две млади момчиња починаа затоа што немаа пристап до здравствена заштита, затоа што немаа документи, немаа државјанство.
Тоа што е посебно интересно во ситуација е што заедницата во Северна Македонија кажа дека тоа е погрешно и порача на Владата дека мора да спроведе реформи. И затоа ние видовме значителни промени во Северна Македонија во изминативе две години.
Тоа значи дека кога јавноста, кога заедницата ќе застане зад овие принципи за правото на државјанство, Владите реагираат, и го направија тоа во Северна Македонија, и ние и честитаме на Владата за тоа што го направи. Тие поминаа измени на закони во четири делови од легислативата во Северна Македонија. Тоа значи дека се многу блиску до тој број нула што го спомнавте. Го слушнавме и министерот за надворешни работи на конференцијата кој рече дека тоа е целта до крајот на следната година.
Ние навистина се надеваме дека ќе ја достигнат таа цел, затоа што сега силно одат напред, користејќи ја оваа легислатива во обид да идентификуваат некој што е без државјанство и да го изодат патот кон државјанство.
Сега, се во позиција кога е можно да се постигне 0, и мислам дека политичката волја е тука, но, тоа е вечна битка. Со други зборови вие може да достигнете нула, но, ако има конфликт, или на пример луѓе од ромската заедница се преселуваат и дете не е регистрирано може да креирате нова генерација на граѓани без државјанство. Бидејќи кога сте во конфликт или се преселуваат луѓе од разни причини, ризикот деца да не бидат регистрирани станува повисок.
Видете и ова: Со сметка за струја до државјанствоТака што, ако некоја земја стигне до нула, тој број може да почне да расте. Тоа сме го виделе во други земји, не во овој регион, туку во други делови на светот, каде што стигнале блиску до нула, па бројките почнале да растат. Мислам дека сите сме свесни за високото ниво на конфликти кое постои интернационално.
Очигледно е тука војната во Украина, граѓанската војна во Судан, неодамнешната ерупција на насилство во Израел и Појасот Газа, имаме конфликти кои траат во многу делови на светот, во делови на Африка, во Демократската Република Конго, во Мозамбик, можам да редам примери, но поентата ми е дека кога има вакви случаи на експлозивно насилство, луѓето се селат, тие се движат и бебиња и натаму се раѓаат, но не се регистрираат, затоа што општеството, законите се кршат, системот, демократските институции се кршат, а со тоа и регистрацијата не се спроведува. Но, може да се случи и од други причини.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Загрепската декларација во изминативе 12 години извештаите на УНХЦР укажуваат на одреден напредок во однос на впишувањето на граѓаните без документи во државниот систем во земјите од Западен Балкан. Но, не целосен напредок односно искоренување на бездржавјанството. Во што е најчесто проблемот?
Можам да почнам со тоа што е позитивно тука, а тоа е дека во секоја земја од регионот е дел од двете главни меѓународни конвенции за ставање крај на бездржавјанството, една од 1954 и другата од 1961 година. Мислам дека Северна Македонија неодамна ја потпиша конвенцијата од 1961 година, со што се комплетира договорот со сите земји од регионот да ги почитуваат тие принципи на меѓународното право. Тоа е навистина позитивно, а исто така ние видовме и реални напори за да се справат со најмалку оние 50 проценти за кои ние знаеме.
Пречките се честопати многу тешки за да се увидат. Понекогаш државите не ги спроведуваат обврските од договорите, со други зборови сте го потпишале договорот, но ви треба домашни закони, ви требаат закони кои ќе се одобрат од домашните Парламенти за да може да се ефектуира тој Договор. Не секоја земја го прави тоа, или законите се стари и не функционираат повеќе, па има потреба да се реформира законот. Тоа може да се дел од пречките, бидејќи ние забележуваме во Агенцијата за бегалци при ОН дека повеќето влади се согласуваат дека треба да се стави крај, а бездржавјанството, тоа е лоша појава и за индивидуалците, но и за државите кои треба да знаат кој има државјанство и кој се живее на нивната територија. Има предности и за двете страни и за луѓето и за државата.
Видете и ова: Дел граѓани на чекор до државјанство, други на чекор до платаНо, проблемот е во тоа што спроведувањето на политичката волја за да се стави крај на бездржавјанството е многу потежок процес и честопати бара уставни промени, одредени законски измени за кои е потребна поддршка од Парламент. Но, честопати треба да се вклучат институции, претставници на институции кои се занимаваат со имиграциони политики и внатрешни работи во Владата. Тие треба да бидат обучени, да им се зголеми капацитетот институционален за да знаат да се справат со проблемите.
Вистинските проблеми, вистинските пречки се честопати „закопани“ во процесот. Некој не може да ги процесуира затоа што нема документи, некои никогаш не биле ни регистрирани, никогаш немале никакви документи и се „слизнувале“ низ системот. Особено луѓето кои што многу се преселуваат, посебно оние кои бегаат од конфликти, каде што има насилство, како што видовме во Косово пред многу години, но и на пример луѓето од ромската заедница кои честопати се селат и движат меѓу државните граници. Некои од нив не ги регистрираат своите деца, и немаат употреблива документација, тоа е недостаток на документација.
Втора пречка се таксите што се наплатуваат за добивање на документи. Некои земји наплаќаат високи такси за овозможување пристап кон процесите за идентификација на бездржавјанството и да се овозможи пат кон добивање на државјанство. Тоа се честопати пари кои што не можат да си ги дозволат. Тоа е уште една пречка.
Постојат варијации на пречките кои се потешки за разрешување. Тоа што ние го работиме во УНХЦР е повеќе обука за владини претставници за погранични полицајци, па и за луѓето во училиштата кои би препознале дете без документи и би му помогнале за се впише во училиштето.
Во која од земјите од Западен Балкан е потешко да им се овозможи пристап на луѓето кои се без државјанство?
Па мислам дека една област која е комплексна е Косово, бидејќи луѓе се преселуваа во Косово од други делови од регионот, да речеме Србија, а некои се отселуваа од Косово во други држави. Мислам дека тоа е навистина тешко.
Исто така, бројките се повисоки во Србија. Можам да кажам дека може да биде многу тешко да се добијат прецизни бројки. Реалноста на бездржавјанството е во тоа што честа таа е невидлива. Не можете да ја видите, не можете да ја измерите, така што навистина не е многу лесно да се каже дека некоја област е потешка од друга.
Но, мислам дека она што е интересно за овој регион, и од аспект на Агенцијата за бегалци на ОН која делува глобално, овој регион е успешен во соработката, во споделувањето на најдобри пракси, придружувајќи се на конвенциите за бегалци и во обиди да ја измени легислативата, и дозволувајќи ни нас како агенција за бегалци за вршиме обуки и да им помогнеме со градење на капацитетите за справување со проблемите. Ние гледаме сериозен напредок во регионот, но проценивме дека најмалку 6 илјади, а веројатно и многу повеќе треба да се идентификуваат како бездржавјанство.
Последните податоци покажуваат дека Србија е на прво место, со бројка од околу 2200 граѓани без државјанство. Зошто толкав број на луѓе се уште не можат да се впишат во државниот систем, дали нивната пракса преку судска постапка да докажуваат државјанство покажа резултати?
Тоа е многу важна поента, и со тоа многу често индивидуите мора да се справуваат со типични административни трибунали. Овие работи чинат пари, и исто така за нив ви е потребна и правна помош. Обичен граѓанин, особено маргинализирано лице кое нема државјанство, многу е веројатно дека ќе увидите дека е дискриминирано во општеството, не можат да се вработат, не можат да ги запишат децата во училиште и немаат пристап до здравствена заштита. Тоа се луѓе за кои што ова е тешко веројатно да го изменаџираат.
Каква е праксата, но и соработката меѓу другите земји од Западен Балкан, веднаш по Србија на листата по бројност на лица без државјанство се Албанија и Косово?
Овие земји работат заедно особено во изминативе две до три години работат на реформирање на законите со цел да го ефектуираат правото на државјанство. И тие учат едни од други, може да ја добијат најдобрата пракса од Хрватска, или да соработуваат со Албанија. Потоа Албанија може да работи со Северна Македонија за да се обезбедат слични практики.
Тие ги споделуваат најдобрите пракси, споделуваат како треба да изгледаат реформите, но и споделуваат искуство за тоа како државата треба да ги спроведува процедурите, кои се стандардни процедури и може д се користат низ сите земји. Ни се потврди гледиштето дека каде што земјите работат заедно, а го видовме тоа во регионот, тогаш има многу подобар исход.