ЕУ проверува дали Мета и ТикТок спречуваат дезинформации за Израел и Хамас

TECH-SOCIALNETWORKS/

Европската унија побара од технолошките компании Мета и ТикТок да известат за тоа како се усогласени со новите правила за борба против дезинформациите на нивните платформи за последната војна меѓу Израел и Хамас.

Социјалните мрежи беа преплавени од фотографии и видеа од судирите со објави на корисници со лажни тврдења и поставување лажни видеа.

Според новите правила на ЕУ, кои стапија на сила во август, најголемите технолошки компании имаат дополнителни обврски да спречат ширење на нелегална содржина на нивните платформи или ќе се соочат со високи казни.

Европската комисија официјално побара компаниите да дадат информации за тоа како ги почитуваат новите правила, односно да ги објаснат мерките што ги презеле за да го намалат ризикот од ширење „терористичка и насилна содржина, говор на омраза и дезинформации“.

Видете и ова: Бранот дезинформации за војната Израел и Хамас - тест за платформата „Х“

Формалното барање за информации е прелиминарен чекор што може да резултира со отворање на официјална истрага од страна на Европската комисија за неусогласеност. Фирмите се соочуваат со казни до 6 отсто од нивниот годишен глобален приход доколку се покаже дека ги прекршиле правилата.

Претходно слично барање доби и „X“, порано познат како Твитер, и мораше да одговори за мерките што ги презеде поврзани со тековната криза на Блискиот Исток.