Ние во моментов не зборуваме за преклопување на датуми, ниту за конкретни датуми, туку зборуваме за одржување на избори во редовен термин за што конечно сите политички партии се сложија дека ќе бидат во редовен термин, рече денеска (19 октомври) премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за прифатлив датум за избори.
Тој вели дека уште при поднесувањето на експозето како мандатар кажал дека изборите ќе се одржат во својот редовен термин, претседателски, а потоа и парламентрани избори.
„Конкретните датуми зависат од законските решенија во колку дена пред истекот на мандатот се организираат и парламентарните и претседателски избори и нормално дека конкретниот датум секогаш зависи од тоа што ќе биде договорено и што ќе биде подоцна изгласано и предложено пред се од страна на претседателот на Собранието. Така што, ние имаме востановено пракса, востановена парламентарна демократија во којашто ова се смета за прашања коишто се од техничка природа во однос на организирање на изборите“, изјави премиерот.
Видете и ова: Изборите ги засенија уставните измени
Околу учеството во работната група која треба да се формира, Ковачевски посочи дека како партија се подготвени и секој понеделник има координација кај претседателот на Собранието каде присуствуваат сите пратенички групи и таму можат да се договорат за динамиката на разговорите коишто би се воделе во таа насока.
Додаде дека наскоро неговата партија ќе одлучи кој ќе ја биде претставникот во работната група и кој ќе ја предводи.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски деновиве изјави дека прифаќа да бидат направени работни групи кои ќе договараат датум за изборите.
„Нема проблем прифаќаме се и во Собрание нека биде, еве работни групи нека седнат нека разговараат“, рече Мицкоски кој бара лидерска средба за дефинирање на датумите за претседателиски и парламентарни избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ќе свика лидерска средба доколку има договор меѓу партиите.