Израелската војска се подготвува за можна копнена операција во Газа, но политичкото раководство сè уште не донело таква одлука, изјави за новинарите во четвртокот портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), потполковник Ричард Хехт.
Хамас, кој го започна нападот во саботата, вели дека сака да стави крај на страдањата на Палестинците, кои, според него, станале неподносливи поради бескрајната воена окупација на Израел и зголемувањето на еврејските населби на Западниот Брег и 16-годишната блокада на Газа.
Луѓето во Газа ја поминаа средата ноќ во мрак, опкружени со урнатините на расфрланите населби додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја „урне и уништи“ милитантната група Хамас, поддржан од новиот воен кабинет во кој беше вклучен и неговиот долгогодишен опозициски критичар Бени Ганц.
„Нашето партнерство не е политичко. Во овој момент сите ние сме војници на Израел“, рече Ганц.
Нетанјаху рече дека народот на Израел и неговото раководство се обединети.
Во меѓувреме, Египет започна интензивни преговори со Израел и САД за да се дозволи испорака на помош и гориво преку неговиот граничен премин Рафах со Појасот Газа, но ги отфрли предлозите за воспоставување коридор од Газа, наведувајќи дека егзодусот на Палестинците од енклавата ќе предизвика сериозни последици за палестинското прашање.
Видете и ова: Јаков: Израел нема намера да ја окупира ГазаПоследниот конфликт меѓу израелските сили и милитантното движење Хамас, во кој од саботата загинаа најмалку 2 400 луѓе од двете страни, се очекува дополнително да ескалира.
Израел ја бомбардираше Газа во текот на ноќта, велејќи дека целта била елитната единица на Хамас која ги предводела смртоносните напади викендот.
Милитантите на Хамас пак истрелале низа ракети врз Тел Авив во четвртокот како одговор на израелските воздушни напади насочени кон „цивилите“ во два бегалски кампа во Газа.
Медиумите блиски до милитантната група на Хамас соопштија дека 15 Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз бегалски камп во Газа.
Палестинците велат дека воздушниот напад е трет во изминатите неколку часа врз станбени згради и дека жителите не добиле никакво предупредување од израелските сили пред нивните домови да бидат бомбардирани.
Видете и ова: Влада на национално единство ќе раководи со Израел додека трае војната со ХамасВо Газа загинале најмалку 1200 луѓе. Израел тврди дека стотици загинати во Газа се членови на Хамас. Додека израелската војска возвраќа на офанзивата на милитантната група Хамас, Палестинците велат дека цивилите ја плаќаат цената за нападот на Газа, мал крајбрежен појас каде живеат 2,3 милиони луѓе.
Снемало струја во Појасот Газа бидејќи единствената електрана останала без гориво. Жителите се оставени да користат генератори за струја, но за тоа им треба гориво, кое е дефицитарно во појасот под израелска опсада.
И најголемата болница во Појасот Газа, Ал-Шифа, ќе остане без гориво за неколку дена, изјави Матијас Канес, претставник на Лекари без граници во Газа. Организацијата соопшти дека двете болници со кои раководи во Газа снемаат хируршка опрема, антибиотици, гориво и други резерви.
Израел го прекина снабдувањето со храна, гориво, електрична енергија и лекови за Газа. Конвои натоварени со гориво и храна останаа на египетската страна на преминот Рафах во средата, но не можеа да влезат во Газа, изјави висок египетски функционер. Единствениот премин меѓу Египет и Газа беше затворен во вторникот по израелските воздушни напади во негова близина.