Граѓанските организации обединети во Блупринт групата за реформи во правосудството се повлекуваат од изработката новиот Кривичен законик (КЗ). Оттаму велат дека нема да учествуваат во процеси каде вклучувањето на граѓанскиот сектор се користи како „алатка за давање легитимитет на нелегитимното и незаконитото“.
„Блупринт групата за реформи во правосудството активно следи и учествува во процеси за градење политики, преку конструктивно и професионално давање препораки. Во последно време сме сведоци на злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право, казнени политики во овие рамки, како и извртување и злоупотреба на правото и правниот систем каде политички интереси го надминуваат јавниот интерес и општественото добро“, велат од невладини организации кои во понеделник закажаа прес-конференција за одлуката за повлекување од работната група.
Дел од оваа неформална мрежа организации се: Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки Комитет за човекови права (МХК), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).
Видете и ова: Законски измени под превез на ЕУ за спас од затворСо свои претставници тие беа дел од работната група што ја формираше Министерството за правда за изработка на новиот КЗ.
Повлекувањето на невладините организации доаѓа откако додека групата работеше на новиот закон, Владата предложи, а Собранието по скратена постапка со европско знаменце донесе измени на актуелниот КЗ.
Измените кои предизвикаа најмногу реакции во јавноста се однесуваа на кривичните дела злосторничко здружување (член 394 од КЗ) и злоупотреба на службената положба и воластувања (член 353 од КЗ).
Со нив, максималната казна од десет години затвор за злосторничко здружување се намали на три години.
Видете и ова: Од обвинети за криминал до обесштетување од државатаКај делото злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, измените донесоа затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета. Претходно, се предвидуваше затворска казна од најмалку три години, но немаше горна граница. Исто така, во членот за делото злоупотреба на службената положба и овластувања се избриша ставот 5 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.
Намалувањето на казните и воведувањето горна граница, донесоа и побрзо застарување на делата.