Директорот на косовската полиција вели дека Србија со нападот се обиде да создаде нова реалност на Косово

Косовска полиција во селото Бањска, Косово.

Косово има докази дека Србија и нејзината војска му дале целосна поддршка на Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, кој го организираше и учествуваше во нападот на косовската полиција на 24 септември во Бањска, кога беше убиен полицискиот наредник Африм Буњаку, изјави Газменд Хоџа, генерален директор на косовската полиција во интервју за Радио Слободна Европа.

Како што наведува, нивната цел била да создадат нова реалност на Косово. Тој најави истрага за можна вмешаност на некои луѓе кои би можеле да бидат од Русија. Тој во интервјуто негира дека имало каков било договор за создавање коридор за бегство на оружената група од Косово.

Хоџа вели дека безбедносната ситуација сега во северно Косово, за разлика од изминатите денови е мирна и почнала да се нормализира.

Видете и ова: Оружје во црквите на СПЦ во Црна Гора- засега недокажано сомневање

„Сепак, загрижува подрачјето околу границата каде може да се види дека Војската на Србија и српските органи за безбедност се уште имаат голем број ангажирани лица, како и артилерија и друга борбена и воена опрема“, вели Хоџа.

Во нападот на косовската полиција на 24 септември во Бањска на северот на Косово, загина полицаецот Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во пресметка на полицијата со вооружените лица, потоа загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска е пронајден голем арсенал оружје. Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира вмешаност.