Русија планира да има поморска база на брегот на Црното Море на отцепениот грузиски регион Абхазија, изјави шефот на тој регион еден ден по средбата со претседателот Владимир Путин, пренесува Ројтерс.
Самопрогласениот претседател на отцепениот регион поддржан од Русија, Аслан Бжанија, рече дека е потпишан договор за постојана поморска база во регионот Очамчира.
„Потпишавме договор и во блиска иднина ќе има постојана база на руската морнарица во областа Очамчира“, изјави Бжанија за весникот „Известија“.
„Сето ова е насочено кон зголемување на нивото на одбранбените способности и на Русија и на Абхазија и овој тип на интеракција ќе продолжи. Има и работи за кои не можам да зборувам“, вели тој.
Видете и ова: Грузиски борци во Украина за да ги завршат „незавршените битки“Русија ги призна Абхазија и другиот отцепен регион, Јужна Осетија, како независни држави во 2008 година, откако руските сили го одбија обидот на Грузија да ја врати контролата врз Јужна Осетија во петдневната војна што заврши на 12 август 2008 година.
Волстрит журнал објави дека Русија го повлече најголемиот дел од црноморската флота од својата главна база во анектираниот Крим поради украинските напади.
Русија сѐ уште не ги коментираше овие наводи.