Прорускиот поранешен премиер на Словачка Фицо ќе добие мандат за состав на нова влада

Роберт Фицо на прес-конференција по предвремените парламентарни избори во земјата, Братислава, Словачка, 1 октомври 2023 година

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова на 1 октомври соопшти дека ќе му даде мандат за формирање нова влада на победникот на парламентарните избори во земјата, сигнализирајќи дека поранешниот премиер Роберт Фицо и неговата партија СМЕР-ССД можат да почнат да составуваат коалициска влада.

Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо и неговата левичарска партија победија на парламентарните избори во Словачка, покажуваат прелиминарните резултати, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

По пребројани 99,2 отсто од гласовите на околу 6000 гласачки места, поранешниот премиер Фицо и неговата партија СМЕР – Словачка социјалдемократија (СМЕР – ССД) водат со освоени 23,3 отсто од гласовите.

Изборите одржани на 30 септември, како што пишува АП, се тест за поддршката на малата источноевропска држава, која е членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, за соседната Украина во војната против Русија. Победата на 52-годишниот Фицо би можела да го наруши кревкото единство во ЕУ и НАТО.

Фицо ја базираше кампањата на проруски и антиамерикански пораки.

Поранешниот премиер вети дека ќе ја повлече воената поддршка од Словачка за Украина ако успее да се врати на власт.

Либералната Прогресивна Словачка, според прелиминарните резултати, освои 17 отсто од гласовите.

Левичарската партија Хлас (Глас), која ја предводи поранешниот заменик на Фицо во партијата Смер, Петер Пелегрини, освои 15 отсто.

Пелегрини се разиде со Фицо откако Смер изгуби на претходните избори во 2020 година, но нивното повторно можно зближување би ги зголемило шансите на Фицо да формира влада, пишува АП.

Другиот потенцијален коалициски партнер, ултранационалистичката Словачка народна партија освои 5,7 отсто од гласовите.

Со оглед на тоа што ниедна партија не освои мнозинство во Парламентот, ќе мора да се формира коалициска влада. Претседателот традиционално ѝ го нуди мандатот за формирање влада на партијата која освоила најмногу гласови на изборите.

Видете и ова: Зошто се важни парламентарните избори во Словачка и пошироко?


Фицо беше премиер во два мандати, од 2006 до 2010 и од 2012 до 2018 година.

Словачка беше непоколеблива во својата поддршка за Украина од почетокот на руската инвазија која започна во февруари 2022 година. Братислава донираше оружје и ги отвори своите граници за украинските бегалци.

Фицо се противи на европските санкции против Русија и сака да го блокира влезот на Украина во НАТО.

Тој предлага, ЕУ и САД, наместо да испраќаат оружје во Киев, да го искористат своето влијание да ги принудат Русија и Украина да склучат компромисен мировен договор.

Фицо исто така водеше кампања против имиграцијата и правата на ЛГБТИ лицата.