САД бараат од Србија да ги повлече своите војници од границата со Косово

Координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.

Вашингтон е загрижен за „големото распоредување“ на српски војници долж границата со Косово, соопшти координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД) Џон Кирби.

„Ние го следиме големото српско распоредување долж границата со Косово, што претставува невидено учество на српската артилерија, тенкови и пешадиски единици. Сметаме дека ова е многу дестабилизирачки развој. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги намалува тензиите“, рече Кирби за време на разговорот со новинарите на 29 септември.

Видете и ова: Свечља – Ќе бараме екстрадиција на Радоичиќ и не само тоа

Тој беше прашан дали ваквото трупање воени трупи во близина на границата е сигнал дека Србија се подготвува за воена инвазија.

„Гледаме, набљудуваме. Но целта (на собирот на српските воени трупи) не можам да ја кажам сега“, рече тој.

Распоредувањето на српските војници долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска во Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, а Србија негира каква било поврзаност.

Радио Слободна Европа го праша Кирби дали САД знаат дали Србија и Русија се вмешани во нападот на Бањска и за можноста за воведување санкции кон Белград.

„Истрагата е во тек. Ние сакаме да го почитуваме тој процес и сакаме Србија да учествува во истрагата. Второ, обемот на овој напад, бројот на вклучени автомобили, видовите муниција и оружје, секако алудираат на високо ниво на софистицираност на ресурсите и обука. Само нивната големина е загрижувачка. Не изгледа дека неколку мажи се собрале и решиле да го изведат овој (напад) ад хок. Тоа е вознемирувачко“, рече Кирби.

Кирби го опиша нападот на 24 септември како добро координиран и планиран.

„Напаѓачите користеа околу 20 возила за транспорт на оружје, што е алармантно во однос на количината и софистицираноста. Најголем дел од оружјето беше од воен тип, вклучително и противтенковски проектили, експлозиви и тактичка опрема. Ова не е тип на напад што се врши по случаен избор, ад хок, од некоја мала група “, рече тој, додавајќи дека сторителите на нападот и оние кои го планирале мора да се соочат со правдата.

Тој рече дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен на разговорот што претходно во текот на денот го имал со српскиот претседател Александар Вучиќ побарал Србија да ги намали тензиите.

По овој разговор, на прес-конференцијата Вучиќ демантираше дека војската на Србија е на готовност, велејќи дека тој не потпишал таква одлука.

Кирби рече дека САД, во соработка со своите европски сојузници, работат на враќање на Косово и Србија на „мирен дијалог со посредство на Европската унија“.

САД остро го осудија нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска, општина Звечани.