Српскиот претседател Александар Вучиќ на 29 септември изјави дека Милан Радоичиќ, „ќе мора да одговори“ на повикот на надлежните државни органи.
Ова е прва реакција на Вучиќ откако порано денеска Радоичиќ презеде одговорност за нападот во селото Бањска во неделата.
„Сигурен сум дека надлежните органи имаат причини да поставуваат прашања, а дали обвинителот ќе го гони за какво било кривично дело, тоа не е прашање за мене. Тоа е прашање за обвинителството и другите надлежни државни органи. Ако некој мислеше дека тој ќе бега или ќе се крие, тоа нема да се случи“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател оцени дека Радоичиќ е „горд“ поради својата улога во вооружениот конфликт, како и тоа дека „тој и другите кои учествувале, гледаат на тоа на друг начин“.
„Не мислам дека некој има право да убие некој друг, некои прашања ќе мораат да бидат поставени. Можеби не учествувал во тој дел, па обвинителот ќе најде нешто друго, или нема да најде ништо, тоа се прашања за обвинителството. Знам дека полицијата мора да собере повеќе информации, па потоа на ред е обвинител, кој ја носи одлуката“, изјави Вучиќ.
Видете и ова: Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот во БањскаМилан Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот на косовската полиција во селото Бањска и поднесе оставка на местото потпретседател на партијата Српска листа, пренесе неговиот адвокат Горан Петронијевиќ на 29 септември.
Радоичиќ во писмото наведува дека ќе одговори на повикот на надлежните органи на Република Србија. Тој негира учество на државата Србија во нападот, нешто за што властите во Белград ги обвинуваа косовските власти.
Радоичиќ во писмото вели и дека напаѓачите во Бањска не се „никакви терористи“ туку „борци за слобода на сопствениот народ“.
Во нападот на вооружените групи на косовската полиција во Бањска во општина Звечан убиен е еден полицаец, а дополнително полицијата потоа успеа да ликвидира тројца напаѓачи и да уапси повеќемина од нив.
Видете и ова: Косовската полиција го заплени имотот на Радоичиќ и објави видео од неговиот дом