Косовските власти запленија имот на Милан Радоичиќ на северот на Косово, во рамките на акциите за претрес поврзани со нападот на косовската полиција во селото Бањска во неделата.
Сега веќе поранешниот претседател на партијата Српска листа, Милан Радоичиќ, порано денеска призна дека го организирал и раководел со нападот на косовската полиција на 24 септември кога се убиени еден косовски полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
Претреси се извршени на пет локации во општините Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток, „во главно на имотот кој сега е идентификуван како имот на осомничените М.Р и В.Р“, се вели во соопштението на Специјалното обвинителство, мислејќи се на иницијалите на Радоичиќ и Владимир Радивојевиќ.
Видете и ова: Косовската полиција врши претреси во три општини на северотРадивојевиќ познат како „Мами“, според информациите на РСЕ, всушност е лидерот на групата на навивачи на фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда.
Обвинителството соопшти дека запленила вила во сопственост на Радоичиќ на езерото Газивода, како и стан и локал.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на Фејсбук објави и снимка од куќата на Радоичиќ.
„Со визуелните и други докази успеавме да докажеме дека лидерот на оваа група е Милан Радоичиќ. И снимката која се гледа, претставува доказ не се работи за каков било „борец за слобода“, туку за Пабло Ескобар од регионот. Под маската бранител на граѓаните, тој и неговите соработници станаа мултимилионери на трошок на законите, државата и останатите граѓани“, напиша Свечља.
Обвинителството соопшти и дека за време на претресот како материјални докази конфискувани се два автомобили марка „Мерцедес“, два мотори, чамци, две заштитни плочи, пет чаури, дрон, ножеви, седум мобилни телефони, камери, УСБ...
Видете и ова: Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот во БањскаНа 24 сепгември во неделата група униформирани и вооружени напаѓачи во косовското село Бањска убија косовски полицаец, по што потоа косовската полиција ликвидираше тројца напаѓачи, а неколку од нив беа и уапсени.
Собранието на Косово на 28 септември усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пак, изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои веќе не можат да го издржат теророт во Курти“.
Нападот во Бањска го осудија САД и Европската унија. Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија, доколку се докаже поврзаноста на Белград и нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.