Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната вест дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство, откако претходно ваква вест објави Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавност, дека граѓаните во земјата пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот за јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година, кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко што се увезува во земјата, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од АХВ.
Оттаму велат дека мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање задоволителен резултат од тестирањата.
Од АХВ велат тврдат дека денеска, во согласност на извозникот, од граница тоа млеко се враќа во Република Србија во согласност со законски дефинираните процедури.
Видете и ова: Откриени македонски токсични пиперки во Хрватска
Претходно денеска Трипуновски изјави дека на 21 септември оваа година во Северна Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3-ти февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектирано амфлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.
Тој предупреди дека истото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните.
Неодамна токсичен пестицид бил откриен кај црвени пиперки во Хрватска, кои биле увезени од Македонија. Од Европскиот систем за брзо предупредување за храна предупредуја дека се работи за пестицидот „форметанат“, којшто како ефикасен инсектицид се користи во производството на овошје и зеленчук.