Собранието на Косово на 28 септември усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција на 24 септември во Бањска, општина Звечани. Во неа се наведува потребата од меѓународна истрага за Србија и за нејзината улога во овој напад.
Резолуцијата беше усвоена со 97 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ или воздржан.
Косовскиот премиер Албин Курти го повика меѓународниот фактор да ја казни Србија за нападот во Бањска, во кој беше убиен косовски полицаец.
„Ако остане неказнето, тогаш ќе го повтори делото“, рече тој на седницата на Собранието, која започна со едноминутно молчење за убиениот полициски наредник Африм Буњаку.
Косовското собрание се согласи да подготви резолуција за осуда на нападите врз косовската полиција во селото Бањска во северно Косово.
Во судирите меѓу полицијата и вооружената група во Бањска во општина Звечан загинаа полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
Курти побара и од државите партнери на Косово да ги прогласат за терористички организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“.
На 29 јуни, Владата на Косово ги прогласи за терористички овие две организации, за кои се верува дека дејствуваат на северот на Косово и дека имаат стотици членови од српската заедница.
Нападот во Бањска го осудија САД и Европската унија. Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.