„Гарантираната цена“ која веќе се применува кај повеќе од 50 производи од пекарската, млечната и месната индустрија, од денеска ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај ова, согласно вчерашната одлука на Владата, треба да се намали и профитната маржа за овошјето и зеленчукот, во малопродажба и големопродажба.
Со овие мерки, надлежните очекуваат намалување на цените на прехранбените производи од 10 до 30 проценти и стабилизирање на инфлацијата до крајот на годината.
Највисоките цени кај безалкохолните пијалаци, со исклучок на енергетските пијалоци, се утврдени на ниво на цените што се применувале на 19 септември, а гарантираните цени ќе важат до 30 ноември годинава.
Трговците на мало се должни да ги сменат цените на овие производи и да ги одбележат со натписот „гарантирана цена“. Трговците, велат од Владата, имаат доволно време да направат корекција на цените.
Видете и ова: Бектеши- За најмалку 10 отсто ќе поефтинат 25 категории на производиОд Стопанската комора на Македонија откако викендот по инспекциските контроли беа затворени маркети во Скопје и Струга, се пожалија дека трговците немале доволно време да ги усогласат цените бидејќи станува збор за околу 1 200 артикли.
Покрај гарантираната цена за безалкохолните пијалоци, Владата вчера донесе одлука и за намалување на профитната маржа за овошјето и зеленчукот, во малопродажба и големопродажба. Во трговијата на големо таа се утврдува во вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во износ од 15 проценти.
Во следниот период, како што најави премиерот, се очекуваат и одлуки за намалување на увозните давачки на свежиот зеленчук, оризот, портокалите, лимоните, мандарините, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10 проценти.
Од Владата апелираа до трговците да ги почитуваат мерките, а граѓаните доколку воочат неправилности да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат.