Инцидентот и тоа што се случува таму нема директно влијание и од информациите со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и тоа што изминатиов период вложуваме многу во одбраната. Меѓутоа, се разбира, секоја од институциите во Република Северна Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со вчерашниот оружен напад на северот од Косово и како тоа ќе се одрази во нашата држава.
Во одговор на новинарски прашања на прес-конференцијата со министерот за одбрана на Норвешка Бјорн Арилд Грам, Петровска рече дека ситуацијата во Косово се следи одблиску, со оглед дека земјава со свои трупи учествува во мисијата на КФОР во Косово, и дека не е едноставно за кој било, како што рече, кога „во регионот има инцидент, особено кога е нападната полиција на одредена држава“
„Ова е само уште еден доказ дека и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна. Одговорноста на секој од нас кои имаме политички позиции во дадени моменти во државите е да носиме одлуки со кои ќе носиме мир и просперитет на граѓаните, а нема да создаваме конфликти и поделби. Приоритет за нас е ситуацијата во Косово и во регионот да биде стабилна со цел да продолжат процесите, особено интеграциските процеси, на сите држави од регионот кои, декларативно ќе ги чуете и видите во изјавите на сите политичари“, рече Петровска.
Видете и ова: Капчан: Нападот на Косово не беше спонтан
Министер за одбрана на Норвешка Бјорн Арилд Грам изрази загриженост и го осуди нападот врз косовската полиција во Косово нагласувајќи дека „вакви напади се неприфатливи“.
Како и Петровска, и тој порача дека „двете страни треба да ја исполнат својата улога, повторно да го вратат дијалогот“.
Вчера во местото Бањска беше убиен косовски полицаец, а подоцна косовската полиција соопшти дека според официјални информации биле убиени тројца напаѓачи во реонот на Бањски манастир каде имало 30-тина напаѓачи, додека четворица од нив се приведени.