Претставникот на Европската Унија (ЕУ) за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во понеделникот изјави дека по новиот инцидент на северот на Косово, во наредните денови „ќе се фокусира на изнаоѓање пат напред“.
Лајчак на Фејсбук во ноќта меѓу неделата и понеделникот рече дека „страшниот напад“ врз припадниците на косовската полиција во градот Бањска на северот на Косово е „длабоко загрижувачки“.
„Ваквиот кукавички чин на насилство е длабоко загрижувачки и се коси со самите принципи на мирот и соработката“, напиша Лајчак.
Тој додаде дека овој „страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела“ за време на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Во наредните денови целосно ќе се фокусирам на изнаоѓање пат напред“, наведе Лајчак.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина изјави дека во Њујорк имал стратешки разговори со американските партнери со цел да се најде пат напред во регионот, а особено во дијалогот меѓу Косово и Србија.
Косово и Србија разменија обвинувања за одговорност за насилствата во градот Бањско на северот на Косово, во кои загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби.
Инцидентот се случи откако премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ се сретнаа на 14 септември во Брисел на високо ниво на разговори во дијалог со посредство на Европската Унија, но не постигнаа никаков договор за нормализација на односите.
Видете и ова: Капчан: Нападот на Косово не беше спонтанМинистерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека во полициската акција се убиени тројца напаѓачи, додека шест лица се уапсени, двајца напаѓачи и четворица кои давале поддршка преку радио комуникација.
Курти изјави дека „професионална формација“ ја нападнала косовската полиција и го убила полицаецот Африм Буњаку.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека убиството на косовски полицаец е апсолутно за осуда, но дека Курти е единствениот виновен за она што се случи на Косово.
Во вонредното обраќање во неделата вечерта, Вучиќ ги отфрли наводите за вмешаност на српската војска или полиција и рече дека „Србите од Косово се побунија не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“.
Тој изјави дека во текот на ноќта помеѓу 23 и 24 септември, околу 2:46 часот, група Срби од Косово поставиле два камиона како барикади во Бањска на северот на Косово, а косовската полиција потоа дошла и се обидела да ги отстрани барикадите.