Убиен еден од напаѓачите на север на Косово, соопшти полицијата

Тензии на север на Косово, полиција

Косовската полиција соопшти дека морала да реагира во самоодбрана поради напад на „криминални групи“ на северот на Косово каде утринава загина еден косовски полицаец, а во таа прилика е убиен и еден од напаѓачите.

„Ситуацијата на северот на Косово се уште е тензична, криминалните групи од време на време со огнено оружје ги напаѓаат полициските единици на терен, кои и покрај нападите, се грижат за безбедноста“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Убиен полицаец на северот на Косово

Во соопштението се додава дека внатре и околу Бањскиот манастир има „значителен број професионални униформирани напаѓачи“, кои се вооружени со „гранати, воено оружје и некои оклопни возила“.

Претходно и премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека околу 30 вооружени маскирани лица се наоѓаат во и околу Бањскиот манастир.

Видете и ова: Убиен полицаец на северот на Косово, полицијата соопшти дека ликвидирала еден напаѓач

Косовската полиција информираше и дека Бањскиот манастир „се користи за движење, засолниште и позиционирање за пукање кон косовската полиција“.

„Продолжува соработката и координацијата на косовската полиција со надлежните домашни и меѓународни институции, со цел да се зачува редот и јавната безбедност, како и да се изведат пред лицето на правдата сторителите на континуирани напади врз полициски службеници, а истовремено да се повикуваат да се предаде“, стои во соопштението на косовската полиција.