Свечља: Манастирот во Бањска е изворот на вооружениот напад на север на Косово

Џељаљ Свечља - министер за внатрешни работи на Косово (Илустративна фотографија)

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, денеска изјави дека манастирот во селото Бањска на северот на Косово е „изворот на вооружените напади“ кои се случуваат утринава.

Свечља пред новинарите зборуваше за денешниот напад на север на Косово кога еден косовски полицаец беше убиен, а истакна и дека нападот се уште трае.

„Нападот се случи и се уште трае и е организиран од подготвени професионални единици, во кои има повеќе од 30 униформирани, маскирани и воено опремени лица, со оклопни возила и тешко вооружување од различен тип“, рече Свечља.

Тој истакна дека внатре во манастирот биле опколени вооружени лица.

Видете и ова: Убиен полицаец на северот на Косово, полицијата соопшти дека ликвидирала еден напаѓач

„Овие терористи се опколени од полициски единици и крајно време е да се предадат“, нагласи тој.

Косовската полиција соопшти дека во неделата во 02:34 часот било забележано дека на мостот, на влезот во селото Бањска, има два камиони без регистарски таблички, кои го блокираат преминот.

Претходно и косовскиот премиер Албин Курти, потврди дека во и околу Бањскиот манастир има околу 30 униформирани маскирани лица, за кои рече дека се опколени од косовската полиција.