Aнти-бугарскиот говор во Северна Македонија, етикетирањето на сите Бугари како „фашисти“, но и прикажувањето на Бугарките како „евтини проститутки“ се дел од забелешките кои се наведени во најновиот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа.
Според ЕКРИ, антибугарското насилство во државата е сериозно загрижувачко, особено по неколкуте напади врз лица кои себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, со оглед на чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање на некои постојни бугарски културни здруженија.
Се наведува и дека бил предизвикан инцидент во клубот „Иван Михајлов“ во Битола од страна на пејач, кој потоа бил ангажиран да настапи на локална прослава. Во извештајот влезе и клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, односно инцидентот со употреба на огнено оружје.
Видете и ова: Војната на клубовите ги раздалечува народитеВо Комисијата, како што се додава во извештајот, се свесни за политичката контроверзност во однос на користењето на името на Иван Михајлов и неговите политички идеи дека Македонците се Бугари и признаваат дека употребата на името Цар Борис Трети е исто така контроверзна и провокативна со оглед на улогата на Бугарите како окупатори на Македонија во Втората светска војна.
ЕКРИ со загриженост забележува дека во март 2023 година Централниот регистар на Северна Македонија го одби барањето на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид да го задржи своето име и дека по одлука на министерот за правда и негативно мислење на Комисијата за употреба на имињата, го избриша од регистарот Бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Видете и ова: Министерството за правда забрани Иван Михајлов да биде име на здружение
Говор на омраза се регистрира и во секојдневната интеракција меѓу Македонците и Албанците, наведуваат во извештајот на ЕКРИ.
Друга забелешка е дека недостига сеопфатна студија за дискриминација против ЛГБТИ лицата и нема акциски план за ЛГБТИ или законска рамка за признавање на истополови врски или адресирање на промена на полот.
Освен таквата студија, ЕКРИ им препорачува на македонските власти да формираат постојана работна група како платформа за дијалог меѓу релевантните министерства и ЛГБТИ заедницата и да обезбедат усвојување на конкретен национален акциски план за еднаквост на ЛГБТИ лицата во консултација со релевантни граѓански организации. Во шестиот мониторинг извештај се проценуваат напорите на државата за борба против дискриминацијата и унапредување на еднаквоста.