Актуелните политички прашања во Северна Македонија и регионот била темата на средбата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во Њујорк со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
„Заеднички е констатирано дека е неопходно да се задржи европскиот курс, со следниот чекор во претстојниот период, со цел државата да го осигура развојот, како и да придонесе во европската стабилност, а за што земјата има силна поддршка во Европската Унија“, се вели во соопштението од владината прес служба.
Во него е посочено дека на средбата било заклучено оти секое поинакво дејство на политичките партии надвор од европската агенда ја загрозува европската определба на земјата.
На средбата, која се одржа во рамки на посетата на Њујорк, владината делегација предводена од премиерот Ковачевски со Лајчак разговараа и за планот за забрзување на интеграцијата во ЕУ на целиот регион и активностите кои следуваат на тој план, како и за важни политички теми од регионот.
Видете и ова: Две третини од државниот врв во посета на САДСпоред соопштението од Кабинетот на Маричиќ Европската Унија работи на планот за забрзување на евроинтеграцијата на регионот и дека преземените обврски мора да се исполнат, бидејќи е важно пристапните преговори со ЕУ да завршат побрзо.
Пристапните преговори со ЕУ земјата ги почна минатото лето откако делумно беше надмината блокадата на Бугарија со потпишувањето на францускиот предлог, но услов за официјалното отворање на поглавјата е Бугарите да влезат во Уставот на Северна Македонија.