Француско-германски документ за реформа на ЕУ пред проширувањето

илустрација

Пред таканареченото проширување „30 плус“, на Европската Унија треба да спроведат некои внатрешни реформи за унијата да биде функционална, а процесот на проширување на ЕУ треба да оди паралелно со продлабочување на интеграцијата во Унијата.

Ова се главните наоди од студијата на повеќе од десет независни експерти ангажирани од Франција и Германија. Наодите од оваа студија не ја претставуваат официјалната позиција на владите во Берлин или Париз, туку ќе послужат за иницирање на дебата за идното проширување на 27-членото европско семејство.

На состанокот на министрите за европски прашања на ЕУ што се одржуава во Брисел на 19 септември, ќе биде презентиран овој документ, во кој, меѓу другото, се предлага одлуките за отворање или затворање поглавја во преговарачкиот процес да бидат усвоени од страна на квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ, а не едногласно, како што беше практика досега.

Сепак, едногласноста на земјите-членки би останала валиден начин на донесување одлуки кога станува збор за прием на нова членка во ЕУ.

Експертите кои го подготвија овој документ ја поддржуваат иницијативата ЕУ да биде подготвена да прими нови членки „до 2023 година“, која во август ја претстави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Затоа, се предлага новото раководство на ЕУ, кое ќе биде избрано по европските избори што ќе се одржат во јуни 2024 година, да се обврзе дека 2030 година ќе биде краен рок за проширување и дека ЕУ ќе биде подготвена за тоа до тој рок.

Видете и ова: Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?

Според документот, ЕУ ќе треба да воспостави девет принципи според кои ќе се води идната стратегија за проширување. Тие би биле поделени во две точки.

Првата би била „квалификација за членство во ЕУ“ која се однесува на подготовка на настани за членство, а втората е „динамика на процедурите за членство“ што значи подготовка на институциите на ЕУ.

Во квалификациите за членство, кои се однесуваат на исполнување на условите од страна на земјите кандидати, овој предлог наведува пет клучни точки: прво, фундаментални прашања, геополитички аспекти, решавање конфликти, дополнителна техничка и финансиска поддршка и демократска легитимност.

Овие предлози се во согласност и со повиците дека земјите кои сакаат да влезат во ЕУ треба прво да ги решат конфликтите со соседите за да не се носат билатерални проблеми во ЕУ.

Во однос на прашањата поврзани со динамиката на членството, предлогот ги споменува клучните точки „еднаквост, систематизација, реверзибилност и гласање со квалификувано мнозинство“.

Некои принципи што ги има ЕУ во моментов, како што се гласањето едногласно и принципот секоја земја да има по еден член на Европската Комисија, не би можеле да се задржат во иднина и затоа, според овој извештај, би требало да се сменат.

Според предлогот, треба да има два типа на комесари: таканаречен „главен комесар“ и „обичен комесар“ , а право на глас да има само главниот комесар.

Исто така, се предлага и со 30 плус членови, Европскиот парламент да има најмногу 751 пратеник, што е сегашната бројка на пратеници со 27 членки на ЕУ.

Студијата сугерира дека европските интеграции имаат „четири брзини“. Таа наведува дека земјите кои сакаат да ја продлабочат својата интеграција можат да го направат тоа без да чекаат сите во ЕУ да се согласат на такво нешто. Се предвидува и дека во рамките на ЕУ постои „внатрешен круг“ на земји кои би ја продлабочиле меѓусебната интеграција. По оваа рунда би се чекала согласноста од сите земји членки.

Видете и ова: Проширување на ЕУ: изјави и толкувања кому како одговара

Третото ниво на интеграција би биле „поврзаните земји“, додека четвртото ниво би било Европската политичка заедница, која веќе ги започна состаноците како што предложи францускиот претседател Емануел Макрон.

По повеќегодишна пауза во проширувањето, руската агресија против Украина предизвика ова прашање да добие тежина и го промени расположението меѓу скептичните држави на ЕУ.

Урсула ван дер Лајен, претседателката на Европската Комисија, во својот годишен говор на 13 септември рече дека ЕУ со „30 плус“ е стратешки интерес. Таа изјави дека проширувањето е најдобрата инвестиција за мирот, безбедноста и просперитетот на ЕУ и оти проширувањето ќе биде „катализатор на напредокот“.

Во процесот на проширување се вклучени сите земји од Западен Балкан, со тоа што само Косово нема кандидатски статус. Земјите од регионот се на нееднакво ниво во овој процес: Србија и Црна Гора се веќе длабоко во пристапните преговори, Албанија и Северна Македонија чекаат отворање на преговорите, а Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември 2022 година.

Од минатата година и Украина и Молдавија добија статус на кандидати за полноправно членство во ЕУ.