ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека нелегално се следени од безбедносни структури

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ има сериозно сомневање дека се „под континуирано физичко следење како опозициски политичари“ и дека тоа „најверојатно се прави нелегално од страна на одредени структури во безбедносниот сектор во државата“, изјави на 18 септември, Александар Николоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Тој одржа прес-конференцијапо седница на Комисијата, која поради класифицирани информации, беше затворена за јавноста. На седницата Комисијата ги разгледуваше информациите што од надлежните институции ги побара пред два месеца во однос за софистицираните системи „Пегас“ и „Предатор“.

„Не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се случува следење на граѓаните со т.н. малициозен софтвер односно напредни софтвери кои буквално влегуваат во домот“, изјави Александар Николоски.

Комисијата бараше информации во врска со нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби, откако Соединетите Американски Држави ја ставија на црна листа македонската фирма „Сајтрокс“ во врска со производство на таков т.н. малициозен софтвер во државава.

Комисијата во јули побара извештаи од четири институции: Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање во однос на тоа дали во државава нелегално се следат комуникации и дали се произведува софтвер со кој може да се следат нелегално комуникации.

Николовски, вели дека со исклучок на извештајот на военото разузнавање, извештаите на останатите три институции биле класифицирани како строго доверливо и бидејќи се работи за државна тајна, не изнесе детали за информациите што биле презентирани на комисиската седница.

„За мене многу позначајно од тоа дали се произведувал ваков софтвер е дали се користел тој софтвер затоа што тоа отвора многу сомнежи за слободата на движење на граѓаните, за приватноста на домот. Овие софтвери може да влезат многу подлабоко од она што досега беше класично прислушување односно следење на комуникациите преку гласовна комуникација и преку СМС-пораки“, рече Николоски.

Видете и ова: Санкционираната од САД „Сајтрокс“ им е позната на македонските разузнавачи

Македонската фирма „Сајтрокс“е ставена на „црната листа“ бидејќи учествувала во трговија со сајбер податоци добиени од шпионски софтвер, при што се загрозува приватноста и безбедноста на луѓе и на компании.

Според Стејт Департментот македонската „Сајтрокс“ заедно со други три фирми Интелекса во Грција, Интелекса Лимитед во Ирска и Сајтрокс Холдинг во Унгарија се третираат како безбедносен ризик за САД, поради злоупотреба на софтвер за шпионирање.