Вечер повторно протест пред Владата и ОЈО за случајот со онкологија

Протестантите бараат од ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и да има одговорност за сторителите, 4 септември 2023 година

Протестантите бараат од ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и да има одговорност за сторителите, 4 септември 2023 година

Денеска со почеток во 18 часот пред Владата, граѓаните повторно ќе излезат на протест за случајот со кражбата на лекови на Клиниката за онкологија. Ова ќе биде втор протест по објавите на неделникот „Фокус“ дека на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар.

Преку социјалните мрежи организаторите повторно повикуваат на протест пред Владата. Оттаму протестот ќе продолжи пред Зградата на ОЈО каде ќе се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија.

„Нашите барања и ултиматум од овој протест се: ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела, истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, како и вклучување на онколошки пациенти кои ќе имаат увид во самата истрага“, порачаа организаторите.

Видете и ова: Онкологија - Сомнежи многу, по докази се трага

Тие апелираат до сите онколошки пациенти да ги контактираат за нивните искуства, за да придонесат во целосно разоткривање и одговорност на сите кои се вмешани во скандалозното работење на Клиниката за онкологија.

Обвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд. Обвинителството наредило да се анализираат одземените компјутери и податоците во нив, а се вршат и распити на сите луѓе кои имаат сознанија за евентуални злоупотреби.

Од Министерството за здравство и од Клиниката за онкологија соопштија дека терапијата што сега се дава на Клиниката за онкологија е соодветна. Но за тоа што се случувало пред „нивно време“ не може да одговараат. Политичарите се фрапирани и згрозени и најавуваат дека секој што се огрешил ќе одговара.