Тагата од загубата на мајка ѝ, која починала од рак, дополнително ѝ се подгрева откако пред една недела Обвинителството соопшти дека ја „чешла“ Клиниката за онкологија, за да ги испитува наводите за третман на пациенти и за работата на Клиниката.
Мајката на Симона Диванишова - Георгиева две години се лечела на Клиниката за онкологија од рак на дојка. Таа починала пред неколку денови. Георгиева за Радио Слободна Европа ја споделува нејзината приказна.
Најголемиот проблем се јавил кога состојбата и се влошила, а резултатите од тестирањето за тоа дали таа е погодна да ја прима имунолошката терапија со цитостатици, всушност никогаш не пристигнале.
Тестирањето и било направено на 18 април.
„Бидејќи уште тогаш знаевме дека има проблем со снабдувањето на оваа терапија, мајка ми и рече на докторката дека доколку се утврди оти и е неопходна, ние сме подготвени и самите да си ја платиме, само за што побргу да ја прима. Сепак, докторката рече дека за 10 дена ќе ги има резултатите и дека ако е потребно, терапијата ќе започне да ја прима веднаш. Нашите резултати за тоа дали мајка ми е погодна за таа скапа имунолошка терапија со цитостатици никогаш не излегоа, а мојата мајка почина, па останува прашањето дали мајка ми требало да ја прима таа терапија и дали можеби со таа терапија нејзината состојба евентуално ќе се подобреше“, вели Георгиева, раскажувајќи ги своите сомнежи за третманот на нејзината мајка на онкологија.
Што може да (не) се докаже со истрагата?
Обвинителството постапува откако медиуми отворија сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, тие добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Обвинителството веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.
Со оглед на фазата во која се наоѓа сегашната постапка, Обвинителството не може да соопштува детали, освен дека се вршат распити и дека почнале да ги анализираат доказите. Но не се знае ни кој сè е повикан, ни што точно се истражува.
Поранешни обвинители за РСЕ коментираа дека е тешко да се калкулира со оглед на тоа што повеќе информации доаѓаа од медиумите, а Обвинителството отвори само предистрага. Дел од работите што ги објавија медиумите, како сомнежите за кражба на цитостатици во минатото тешко може да се докажат, освен ако не биде фатен сторителот на лице место или ако има веродостојни сведоци, коментираат поранешни обвинители.
Предистрагата не мора нужно да прерасне во истрага од која ќе произлезе обвинение.
Микробиологот доктор Никола Пановски во интервју за 24 вести, вели дека сега е тешко да се докаже дали лекот е даден на пациент или е однесен некаде. Полесно е да се открие зошто системот КАТО за контрола на терапиите на Клиниката за онкологија е тргнат, дали зад тоа се кријат мотиви да се прават „далавери“.
Тој систем, купен во 2017, за 350 илјади евра, се користел само шест месеци и потоа бил заклучен во состав на болничката аптека и не се користел. Министерот за здравство Фатмир Меџити на 4 септември рече дека се прават анализи дали овој систем да се врати во функција или да се обезбеди нов.
Системот требало да обезбеди прецизно дозирање и безбедно чување на цитостатици, наместо рачно да се дозира. Овој систем оневоможувал да се крадат лековите за болните од рак и спречувал да се губат дози.
Од полицијата, пак, има уште помалку детали. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека многу луѓе се под посебни истражни мерки, како и тоа дека ,исто така, многумина, меѓу кои и новинари, споделиле информации со МВР. Тој вели дека полицијата има капацитет да го заврши случајот.
Професор Стефан Буџаковски, чија специјалност се казненото право, криминалистиката и разузнавањето вели дека мора да има доволен број на докази кои ќе гарантираат успешно водење на постапката.
„Ако било без докази тогаш не ќе можеле да преземат ваква акција“, вели Буџаковски кој дваесет години работел во Министерството за внатрешни работи.
Државниот завод за ревизија во март годинава објавува ревизорски извештај за Клиниката за онкологија и радиотерапија, кој се однесува на 2021 година. Во него, меѓудругото, се наведува дека се набавувала биолошка терапија, а немало доволно пари за тоа, а немало ниту медицински протоколи, односно упатства со кои ќе се воспостават правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија. На Клиниката и се препорачува да се набавува биолошка терапија во рамки на буџетот и по претходно склучен договор за јавна набавка и терапијата да се дава на пациенти по претходно мислење на стручен колегиум.
„Во текот на 2021 докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали Клиниката располага до доволно количини на лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои што им била препишана терапијата“, стои во извештајот на ДЗР.
Ревизорите алармираат дека постои ризик оваа терапија да не е еднакво достапна за секој пациент на кој му е препишана. Во текот на ревизијата формиран е онколошки конзилиум за селекција на пациенти за третман, кој има задача да одлучи за воведување на биолошка терапија за секој пациент поединечно. А се почнало и со изготвување на медицински протоколи за воспоставување правила и критериуми за лекување на онколошки заболувања и од Фондот добиле повисок износ на одобрен условен надоместок, како и набавка на биолошка терапија во поголеми количини, стои во ревизорскиот извештај.
Од средината на 2017 до октомври 2022 медицински директор на клиниката беше Никола (Нино) Васев. Тој даде оставка, заедно со Директорката на детската клиника, откако во јавноста излегоа информации дека си исплаќале високи додатоци за дежурства и прекувремена работа.
На негово место доаѓа Виолета Клисарова, која тврди дека откако таа е на функција се сменети протоколите и терапијата што ја добиваат болните од рак е соодветна и ефикасна. И директорката, која на функцијата е неполна година и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој на тоа место е околу четири месеци, се оградија од своите претходници, велејќи дека не може да одговараат за тоа што се случувало претходно.
Обвинителството соопшти дека со Министерството за внатрешни работи (МВР) на 1 септември извршиле претреси на Клиниката за онкологија и на уште два приватни станови. Одземени се компјутери, компјутерски податоци, документација. Оттогаш наваму се прибираат докази, се повикуваат луѓе на распит, формиран е тим што ги разгледува медицинските документи за водење на пациентите и за тоа како им се давала терапијата, а многу луѓе се следат и се прислушуваат, односно се воведени Посебни истражни мерки (ПИМ). Луѓе кои се гласни на социјалните мрежи во откривањето на нивните приказни поврзани со онкологија, се повикуваат во Обвинителство да дадат исказ.
Обвинителство води предистрага, по, како што соопштуваат од оваа институција, наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели.
Но, бидејќи се работи за чувствителна тема за огромен број засегнати граѓани, Обвинителството апелира на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице.
Неделникот Фокус и весникот Слободен Печат објавија серија текстови со наводи за кражба на скапи лекови, кои наместо да им се дадат на пациенти, завршувале на црн пазар. Извори за Фокус тврдат дека во шемата за препродавање се вклучени лекари и медицински персонал од Клиниката. Неделникот објавува и дека дел од лекарите тврдат дека на болни од рак им се ставало минимално количество од лекот, а другото било обичен физиолошки раствор.
Реакциите беа бурни и на социјалните мрежи, а досега граѓани и онколошки пациенти организираа и два протести, едниот пред Влада и обвинителство, вториот само пред обвинителство, од каде побараа надлежните органи да го истражат случајот до крај и да има одговорност и казни за оние вработени на онкологија за кои истрагата ќе утврди дека вршеле злоупотреби и ја препродавале имунолошката терапија со цитостатици, неопходна за болните од рак.
Имунолошката терапија за лекување на болни од рак е воведена во 2019, а една ампула може да чини од 3000 до 4000 евра.
Малигните заболувања се втората најчеста причина за смрт во земјава.