Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска одлучил да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, соопшти претседателскиот кабинет. Потписот доаѓа и покрај барањето на невладините организации Пендаровски да не го потпишува указот за прогласување на законот.
„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот“, се вели во соопштението.
Пратениците вчера во еден ден ги донесоа измените на Кривичниот законик кои предложи власта, кои меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
Видете и ова: Законски измени под превез на ЕУ за спас од затворОд Коалицијата сите за правично судење велат дека со ваквите законски измени, повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на СЈО ќе настапи апсолутна застареност за кривичен прогон. Станува збор за предмети во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.
Реагираше и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, која рече дека ДКСК смета дека начинот на донесување на измените и дополнувањата на истиот не овозможиле јавна дебата, ниту анализа на последиците од истиот и дека сето тоа создава сомнеж и висок ризик од политички пазарења и трговија со влијанија.
„Ние искоментиравме дека намалувањето на казните во делот 353, 353-в и 359 за злосторничко здружување не придонесува кон зајакнување на борбата кон корупцијата, туку, напротив, таа и понатаму останува декларативна“, рече Ивановска.
Во соопштението на Кабинетот на Пендаровски се вели дека измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го ставал на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.
„Претседателот Пендаровски очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да бидеприменувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законикДонесувањето на законските измени во Собранието експерсно за два дена беа со образложение дека се усогласува македонското со европското законодавство.
Анализата на Коалицијата сите за правично судење покажува дека измените на Кривичниот законик неспорно ќе има влијание од опасност на настапување на апсолутна застареност на предметите: „Титаник“ за изборни нерегуларности, „Таргет/Тврдина“ - предметот за прислушувањето и уништувањето на опремата за таа намена, „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“, „Титаник 2“ – за изборни нерегуларности во Струмица во 2013 година, „Трезор“- набавка на опрема за МВР, „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, „Шпански скали“, предмет за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје и „Траекторија“ за криминал со изградбата на кинеските автопати.
„Топлик“ за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште. „Тарифа“ – незаконска набавка на софтвер за АД ЕЛЕМ, „Тендери“- градежни работи за Музејот на ВМРО. И еден предмет за Стевчо Јакимовски.