Пожарот во Дрисла изгаснат, од претпријатието повикуваат да не се шират дезинформации

Влезот во ЈП депонија Дрисла, Скопје

По објавувањето на информациите дека гори депонијата „Дрисла“, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека пожарот е веќе изгаснат.

Оваа информација ја потврдуваат и од ЈП депонија Дрисла од каде што велат дека ситуацијата е ставена под контрола. Од ова претпријатие повикуваат да не се шират лажни вести и невистини по социјалните мрежи дека депонијата Дрисла ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето.

„Апелираме правото и слобода на говорот и јавното информирање да не се злоупотребува за ширење на лажни вести и невистини по социјалните мрежи од страна на група луѓе кои го доведуваат во заблуда и паника локалното население дека депонијата Дрисла ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето, како што се случи денес во раните утрински часови, со подметнатиот пожар на депонијата Дрисла“, се вели во соопштението од ЈП депонија Дрисла.

Видете и ова: Пожари гасиме со стари возила, за нови - спасот го гледаме во ЕУ

Оттаму ги повикуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети. Додаваат дека против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата Дрисла, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки.

Од утрово на социјалните мрежи се ширеа видеа во кои се гледа дека црн чад се издигнува од депонијата „Дрисла“. Жителите од околните села се жалат дека се шири чуден мирис и поради тоа се сомневаат во тоа што гори.