Протест пред Влада и Обвинителство- Се бара одговорност за злоупотреби на лекови за болни од рак

Учесниците на протестот пред Владата, по наводите за злоупотребата на лекови на Клиниката на онкологија.

„Убивате за профит“, „Монструми“, „Oнкологија = геноцид“, „Колку вреди човечкиот живот“, ова се само дел од пораките на транспарентите што денеска ги носеа учесниците на протестот пред Владата, по наводите за злоупотребата на лекови на Клиниката на онкологија.

Насобраните граѓани, кои и покрај дождливото време се собраа во 18 часот пред Владата, во центарот на Скопје, извикуваа – „крадци“ и „убијци“. Дел од насобраните си ги обоија рацете со црвена боја и оставија траги од дланките на асфалтот, а со црвена боја со големи букви на улицата пред Владата испишаа - Убијци.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Убивате за профит“: Граѓани протестираа и бараа одговорност за злоупотребите на Онкологија

Луѓе кои изгубиле некој близок ги споделуваат своите приказни пред присутните.

„За седум дена мајка му се претвори во жив мртовец, а беше карпа човек. Оваа влада, оваа Министерство, Клиниката за онкологија, сето тоа е мафија. На човек кој се бори за живот, секој ден му е битен, а на крај ќе се најдат некои директори и министри да му го уништат животот. Имавме многу случаи во здравството, никој не одговараше“, рече еден од присутните, кој неодамна ја изгубил мајка му кога имала карцином на дојка.

„Сите што се вмешани, да се изведат пред лицето на правдата, да нема овој ми е брат, оној ми е роднина, кој колку што заслужил, толку да добие“, порача на 4 септември граѓанин кој излезе на протестот пред Влада.

Граѓани протестираат откако Обвинителството изминатиот викенд отвори предистражна постапка по написите на медиумите дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.

Протестот од пред Влада продолжи и пред Обвинителство, а потоа и до Министерството за здравство.

Пред Обвинителството, со црвена боја учесниците испишаа - „Обвинителство - соучесник“ и исто така оставија траги од крвави дланки. Тие побараа правда за жртвите и одговорност од надлежните. Кон зградата на Обвинителство гаѓаа со јајца, а пред Обвинителство е распореден полициски кордон.

Организаторите на протестот бараат оставка и одговорност од тројцата последни министри за здравство.

Видете и ова: Метастазира случајот со „онкологија“

Случајот ја „тресе“ јавноста веќе трет ден, а реакции стигнуваат и од надлежни институции и од политичари. Од Министерството за здравство и од Клиниката за онкологија попладнево на прес-конференција соопштија дека терапијата што сега се дава на Клиниката за онкологија е соодветна. Но за тоа што се случувало пред „нивно време“ не може да одговараат.

Обвинителството и полицијата интензивно собираат докази и се повикуваат луѓе на распит. Политичарите се фрапирани и згрозени, и најавуваат дека секој што се огрешил ќе одговара.