Медицинска сестра фатена во повторен обид за кражба на Онкологија, беше веднаш отстранета и повеќе не стапна во институцијата, изјави медицинскиот директор на УК за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска, појаснувајќи дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.
Клисаровска, одговарајќи на новинарски прашања за скандалот со злоупотребата на вработени на онкологија на терапијата неопходна за пациентите со рак, апелираше час поскоро надлежните органи да ги откријат виновниците, и да ги именуваат, за, како што рече, да се отфрли таканаречената колективна вина која сега се наведнува над целата институција, односно над целиот медицински тим што ја руши довербата пациент – лекар.
„На 28 февруари, медицинското лице се дрзна повторно да направи кражба, со доказ беше веднаш, не од нас, од надлежни институции, отстранета од наша институција. Таа потоа повеќе не стапна во нашата институција. На 6 март, неколку дена подоцна, таа доби од нас писмен допис за отстранување од работно место, а заради административните постапки кои спрема полицијата моравме да ги испочитуваме и сите други административни делови за формирање и поведување на дисциплинска постапка, на 23 мај 2023 година ѝ беше испратено и отказното решение од работа. Да нема дилеми. Значи, таа сестра беше во повторен обид фатена и веднаш отстранета од нашата клиника со отказно решение“, појасни Клисаровска.
Видете и ова: Меџити: Терапијата што сега се дава на Онкологија е соодветнаНа новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.
„Токму заради тоа и една од безбедносните мерки е и веќе ограничен број на сестри. Тој влез веќе е строго ограничен, не е отворен за сите сестри од дневната болница. Се знае кој доаѓа во допир со нерастворен лек, такви би биле од интерес по претпоставка. Растворен лек понатака не е предмет на оваа дискусија. Токму заради тоа ви благодарам за прашањето, ете и тоа е една од безбедносните мерки кои ги преземав бидејќи сметав дека нема потреба во тој дел да се движат и оние сестри коишто не се вклучени во процесот на подготовка, тој дел е обезбеден“, посочи Клисаровска.
Клисаровска подвлече дека кај неа нема втора шанса кога станува збор за злоупотреба на лекови. За неа, како што додаде, е сосем идентично дали ќе украдат шише физиолошки раствор или ќе го украдат најскапиот лек.
Таа апелираше час поскоро надлежните органи да ја донесат одлуката ако има виновници, околу злоупотреба на лекови, да ги именуваат. Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а од 18 часот најавен е протест пред Влада, што треба да продолжи до Министерството за здравство.