Измените во законот за државјанство на Србија се безбедносен ризик за ЕУ, порачуваат од Брисел

илустрација

Европската Комисија е загрижена поради најавените измени во законот за државјанство на Србија, кои би можеле да ги олеснат процедурите преку кои странски државјани полесно ќе можат да дојдат до српски пасош.

„Комисијата изрази загриженост дека предвидените измени во српскиот закон за државјанство би можеле да бидат ризик за јавната политика или за безбедноста на Европската Унија, во однос на тоа дека граѓаните на Србија се дел од безвизниот режим во Унијата“, се вели во пишаната изјава на Европската Комисија за Радио Слободна Европа.

Во изјавата се додава и дека преку поедноставни процедури, државјаните на земјите од третиот свет, на кои инаку би им била потребна виза за патување во ЕУ, ќе можат ова да го направат и без виза.

„Европската Комисија будно ја следи состојбата и редовно се распрашува кај српските власти за присуство на руски државјани во Србија. Европската комисија побара од Србија да се земе предвид нејзината загриженост“, се додава во пишаната изјава.

Видете и ова: ЕУ: Усогласувањето на визната политика на земјите од Западен Балкан ја намали илегалната миграција

Функционери од ЕК потсетуваат и дека од Србија како земја кандидат за полноправно членство во ЕУ се очекува постепено да се усогласува со политиките и одлуките на Унијата.

Од почетокот на руската инвазија во Украина, привремено или трајно престојувалиште во Србија побараа повеќе стотици илјади Руси. Во 2022 година, бројот на Руси кои добија српски пасоши стана трипати поголем во однос на годината пред војната во Украина, а овој тренд продолжи и во 2023 година.

Законот за државјанство во Србија пак и овозможува на Владата под одредени услови да одобри државјанство по посебна постапка. Како што е дефинирано со закон, државјанството по таа постапка е возможно, само ако „приемот во земјата на таа личност е во интерес на Србија“.

Како што покажуваат одлуките на српската Влада објавени во службен весник, до 21 август годинава, српско државјанство добиле вкупно 76 граѓани од други националности, од кои пак најмногу доаѓаат токму од Русија.

Видете и ова: Визната либерализација не важи за пасошите издадени од Координативната управа на Србија

И порано во текот на изминатите години, ЕК ја предупреди Србија дека ризикува да излезе од безвизниот режим на Унијата поради поедноставувањето на процедурите за добивање на српско државјанство.

Инаку, за потсетување, Србија е меѓу ретките држави во Европа која не воведе санкции против Русија и има директни летови до Москва уште од почетокот на руската инвазија во Украина.