ЕК не сака да шпекулира со датумите за евентуалниот прием на нови членки

илустрација

Европската Комисија не сака да шпекулира со датуми за евентуален прием на нови членки, потенцираат надлежните од оваа институција.

„Проширувањето се заснова на заслуги. Се надеваме дека секоја земја-кандидат ќе биде мотивирана да спроведе реформи и ќе биде подготвена да пристапи со свое темпо“, рече на прес-конференцијата портпаролката на Комисијата, Дана Спинант.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во понеделник, 28 август, на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, изјави дека Европската Унија треба да биде подготвена да прифати нови членки „до 2030 година“.

Спинант потврди дека Мишел не се консултирал со претседателот на ЕК за споменување на датум за прием на нови држави.

Европската Комисија е надлежна институција која подготвува мислење и предлог за подготвеноста на земјите за прием, а Европскиот Совет носи политичка одлука.

Видете и ова: Амбиции за проширување на ЕУ: Земете ја добрата вест, но, не погодувајте ја временската рамка

Спинант нагласи дека проширувањето на ЕУ е политички приоритет за Европската комисија, но дека процесот останува врз основа на заслугите на секоја земја и секоја од нив ќе стане членка кога ќе биде подготвена за тоа.

„Тесно соработувавме со земјите кандидати за да им помогнеме да ги подготват и спроведат реформите неопходни за влез во Унијата. Но, уште еднаш повторувам, за нас тоа е процес заснован на заслуги“, рече портпаролката на Комисијата.

По руската агресија врз Украина, во ЕУ по повеќегодишна пауза повторно заживеа дебатата за проширување, бидејќи земјите-членки не беа подготвени да иницираат нов бран на проширување, поради таканаречениот замор од проширувањето.

Сите земји од Западен Балкан освен Косово имаат кандидатски статус, но не се во иста фаза од пристапниот процес.