Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по синоќешната билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, што се одржа пред почетокот на Бледскиот стратешки форум, изјави дека е убеден дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.
Мишел оцени дека односите меѓу Северна Македонија и ЕУ се одлични. Притоа тој му честита на премиерот Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.
По средбата со Ковачевски, Мишел на социјалната мрежа X (Твитер) изрази целосна поддршка на иницијативата за усвојување на уставните амандмани и покрај, како што пишува, многуте политички предизвици.
Видете и ова: Претседателот на Собранието и опозицијата со различни толкувања за гласањето за уставни измениТој го пофали лидерството и решеноста на Северна Македонија и премиерот Ковачевски да напредува во реформската агенда на ЕУ и да даде конкретни резултати.
На средбата Ковачевски – Мишел, како што информираа од Кабинетот на премиерот, било потенцирано дека посветеноста и поддршката на ЕУ во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија е исклучително важна во дадениот момент, за што е јасно упатена пораката од страна на ЕУ, за важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени.
„Двајцата соговорници се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповтролива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој како на земјата, така и на регионот“, се наведува во информацијата од средбата.
Средбата Ковачевски - Мишел се одржа во рамки на посетата на Република Словенија, каде премиерот учествува на Бледскиот стратешки форум.