Достапни линкови

Претседателот на Собранието и опозицијата со различни толкувања за гласањето за уставни измени


Устав на Република Северна Македонија
Устав на Република Северна Македонија

Гласањето мораше да се случи во петокот, кога беше завршен претресот и имаше обезбедно кворум за гласање велат денеска од ВМРО ДПМНЕ, откако во петокот беше прекината седницата на Собранието на Република Северна Македонија на чиј дневен ред единствена точка беше промената на Уставот на државата. Според опозицијата претседателот на собранието Талат Џафери, го применил членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на закон, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот.

Пратеникот Миле Лефков обвини дека Џафери свесно го прекршил Деловникот за работата на Собранието, за да им овозможи на ДУИ и СДСМ да останат на власт ден повеќе.

„Џафери е ставен во улога на спасител на владините фотељи, прекршувајќи правни акти и процедури. Свесен е дека кога и да се стават уставните измени на гласање тие ќе пропаднат, но и дека после тоа не останува ништо освен одење на избори, затоа Џафери одолговлекува“, рече Лефков.

Седницата за утврдување на потребата за уставни измени се одржа на 18 август, согласно роковите, но пратениците не гласаа. Заврши по говорот на последниот пријавен за збор и со најава од Џафери дека седницата ќе продолжи кога ќе се создадат услови за гласање.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери и одговори на опозицијата цитирајќи член од Деловникот за работа. Рече дека првиот човек на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребни за одлучување, но и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно што го потенцираше како дел кој го заборавале оние кои го обвинуваат.

„Пред крајот на седницата пред последниот говор, беше укажано на можна „злоупотреба“ на деловникот, односно дека е можно да биде прекината седницата. Од каде знаеја дека ќе се прекине? Па тоа е доказ дека по координациите јас како Претседател не седам во кабинет па само се спуштам доле на седница и си одлучувам, туку сите имаат сознанија за тоа како ќе тече седницата. А, тие цитираат само од она што им оди во прилог. Јас одлуката сум ја донел по член 81 став 1 од Деловникот и нема никаков проблем по однос на она што се надлежности за водење на Собранието“, вели Џафери.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, и рече дека ќе се гласа кога за тоа ќе има услови, односно кога ќе бидат обезбедено двотретинско мнозинство, или кога „за“ ќе гласаат 80 од вкупно 120-те пратеници. Доколку, пак, за време на гласањето нема потребно мнозинство, завршува процесот за уставни измени.

Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите. Освен бугарскиот народ, во Уставот влегуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ.

XS
SM
MD
LG