Северна Македонија и Црна Гора се огрешија кон Србија со признавањето на независноста на Косово, изјави министерот за одбрана на Србија и претседател на владејачката Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ, додавајќи дека тоа претставува мешање во внатрешните работи на една земја.
„Згрешивте и тоа ќе ви се удри по глава, исто како што во Украина се одбива од глава на сите што го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е тоа е специјален случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.
Тој смета дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.
„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност , односно НАТО Алијансата мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи“, рече Вучевиќ.
Тој оцени дека лидерите мора да погледнат „што е во историјата“ и да разберат „што се случува во нивниот двор“.
„Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да кажеме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од моќта во Северна Македонија. Ако тоа е во ред со Македонците, а и за нас е во ред, само очигледно ќе имате политика која нема да ја гледа Македонија како своја земја“, нагласи тој.
Вучевиќ оценува дека постои сеалбански консензус за национално обединување, а „наивните Срби мислат дека тоа не може да се случи и дека нема да има промени на границите“.
Видете и ова: Селмани - Граѓаните сакаат правна држава, а не соништа за големи држави
Тој нагласи дека „отсекогаш важела мантрата дека нема промени на границите, па се менувале“.
„Не би спиел мирно, но тоа е прашање за Скопје, а и Подгорица нека види што ќе прават. Гледам дека најголемото прашање за нив сега е дали смее српската страна или српската партија, или коалицијата да влезе во власта, со условно речено, некои мали министерства. Во Северна Македонија 25 отсто од Албанците имаат 50 отсто од власта, а во Црна Гора 30 отсто од Србите не можат да имаат две министерства, па дури и едно. Тие велат дека се мешаме во внатрешните работи. Вие ни се мешате во внатрешните работи – го признавте Косово, има ли полошо, понепристојно и поотворено мешање во внатрешните работи“, заклучи Вучевиќ.
Реакции од Црна Гора
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека е неприфатлив секој обид за директно или индиректно мешање на странски актери (од регионот или остатокот од светот) во формирањето на Владата во Црна Гора.
На социјалната мрежа „Х“, поранешен Твитер, Милатовиќ истакна дека 28-то свикување на Собранието е одраз на волјата на граѓаните на Црна Гора кои според Уставот се носители на суверенитетот.
„Очекувам дека формирањето на 44-та Влада ќе се заснова на слободно изразената волја на граѓаните на изминатите парламентарни избори, како и на програмските приоритети кои ќе овозможат забрзано членство на Црна Гора во ЕУ, раст на животниот стандард и изградбата на правната држава“, изјави Милатовиќ.
Со закани дека „на Црна Гора и Северна Македонија ќе им се удри по глава признавањето на Косово, како што беше со Украина“, министерот за одбрана на Србија и претседател на СНС Милош Вучевиќ чука по воените тапани и го дестабилизира регионот, изјави заменикот и член на Претседателството на Демократската партија на социјалистите (ДПС) од Црна Гора, Андрија Николиќ.
„Вучевиќ намерно го занемарува фактот дека Србија го потпиша договорот во Куманово, што претставува капитулација на воениот режим на Милошевиќ, и дека Милошевиќ прифатил сите воени, паравоени, полициски, параполициски и сите други вооружени формации од Србија трајно да го напуштат Косово“, соопшти Николиќ.
Конечно, вели тој, Вучевиќ смета дека јавноста во Црна Гора има „кратка меморија“.
„И да не се памети дека со резолуцијата 1244 Србија се согласи да го напушти Косово, со што се укина територијалниот интегритет и суверенитет на Сојузна Република Југославија над Косово и се воспостави процедура за утврдување на конечниот статус на Косово. Црна Гора, како и другите земји , само формално ја препознаа фактичката состојба на терен и тоа со единствен интерес Србија и Косово да одат напред“, нагласи Николиќ.
Скопје и Подгорица со заедничка изјава истовремено решија да воспостават дипломатски односно со Приштина. Македонската Влада го призна Косово на 9 ноември 2008 година, по усвоената собраниска резолуција.