Прекршочни пријави против општините Тетово и Чаир и нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу поднесе министерството за внатрешни работи поради неинтонирање на државната химна и непоставување на државното знаме при посетата на косовскиот премиер Албин Курти во земјава минатиот петок.
„ Имено, за време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, г.Албин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул.„Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон“, се вели во соопштението на МВР.
Во него се наведува дека полицијата и натаму ќе продолжи со потрагата по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на т.н. „Голема Албанија“.
Видете и ова: Османи- Реакциите во Скопје за посетата на Курти се последица на недоразбирање кое бргу ќе се надминеГрадоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу откако денеска бил повикан на информативен разговор во полициската станица „Бит Пазар“ за медиумите изјави дека полицијата го информирала дека добил две прекршочни пријави во врска со организацијата на посетата на косовскиот премиер, Албин Курти во Чаир. Ганиу смета дека пријавите се резултат на политичко влијание.
Тетовскиот градоначалник и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека комунизмот не е мртов и дека, според него, во живот го одржуваат властите заедно со Али Ахмет и Арбен Таравари.
„Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, напиша Касами.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава и се сретна со дел од лидерите на опозициските партии на Албанците. Средби со официјални државни претставници немаше, ниту беа најавени. На истакнувањето на знамето на т.к „Голема Албанија“ на концертот по повод приватната посета на косовскиот премиер на Чаир и Тетово, преименување на улица во Скопје во Адем Демачи, и самата посета на Курти предизвикаа бурни рекации во јавноста и обвинувања до Владата.
Видете и ова: По посетата на Курти: Реакции, обвинувања и осудиМеѓу другите, реагираше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оцени дека „истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава“.