Османи- Реакциите во Скопје за посетата на Курти се последица на недоразбирање кое бргу ќе се надмине

Архивка фотографија, Косовската претседателка Вјоса Османи и македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје на 26.04.2023

Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека реакциите во Северна Македонија за посетата на премиерот Албин Курти, минатиот петок, се последица на недоразбирања, за кои изрази уверување дека двете соседни држави бргу ќе ги надминат.

Таа одговарајќи на новинраско прашање истакна дека дека појавата на знаме на таканаречената „Голема Албанија“ меѓу поддржувачите на Курти во Тетово е само „потег на одреден граѓанин, а не нешто организирано“.

Таа ги повика македонските институции, „доколку ги загрижува нешто“, истото да го адресираат согласно меѓународните стандарди за заштита на човековите права и на правата на немнозинските заедници. Според неа, случувањата во врска со посетата на Курти на Чаир и Тетово се недоразбирање кое, со добра волја од двете страни, ќе се надмине.

Видете и ова: По посетата на Курти: Реакции, обвинувања и осуди

Таа нагласи дека Косово и Северна Македонија имаат одлични односи и изрази уверување дека тие ќе се унапредуваат и натаму.

„Ова верувам дека е само мало недоразбирање, кое ако имаме добра волја обете страни, како што сме го докажале тоа секогаш досега, ќе се надмине, кога се знае дека сите косовски институции се заинтересирани за позитивни и секогаш во подем односи со Северна Македонија“, рече Османи.

Посетата од минатиот петок на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија и неговото обраќање на собир во Тетово, каде што се појави знаме на „Етничка Албанија“, предизвика бројни реакции во македонската јавност.

Видете и ова: Харадинај до Албанците во С. Македонија: Не му верувајте на Курти


Меѓу другите, реагира и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оцени дека „истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава“.

Пендаровски побара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците.

За истакнувањето знамиња кои не се државни, како што беше она со картата на т.н. Голема Албанија во публиката на концертот во Тетово, од Кабинетот на премиерот велат дека е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји.

Курти беше во Северна Македонија и се сретна со дел од лидерите на опозициските партии на Албанците. Средби со официјални државни претставници немаше, ниту беа најавени. Дел од аналитичарите и дел од политичарите оваа посета ја протолкуваа како поддршка на „албанската опозиција во Северна Македонија“.