Обвинителство реагира на истражувањето на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово

Еден ден после пожарот во модуларната ковид болница во Тетово каде загинаа 14 лица, 9 септември 2021.

По истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за пожарот во тетовската модуларна болница во Тетово, први реагираа од Јавното обвинителство. Од Обвинителството ги отфрлаат наводите во истражувањето кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Според Обвинителството истражувањето имало цел да дискредитира и нема никаков реален интерес да се презентира вистината.

Најавуваат и јавна седница на Апелација, на која ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка која се водеше пред Судот во Тетово.

Обвинителството испрати реакција по повеќе од 17 часа по објавувањето на документарецот на ИРЛ, насловен „Убиство во Тетово“. Во пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021, за време на ковид-пандемијата, изгореа 14 луѓе.

На овој случај работеа Основното јавно обвинителство во Скопје во соработка со тоа во Тетово, а потоа се вклучи и Обвинителството за сузбивање на организиран криминал. Само една истрага резултираше со судски процес, кој заврши на 5 јуни.

Според пресудата на Судот во Тетово, двајцата поранешни директори на Клиничкиот центар во Тетово Флорин Бесими и Артан Етеми, добија условни казни затвор, а докторот Бобан Вучевски доби ослободителна пресуда. Директорите не се гонеа поради причината за пожарот во модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На Вучевски му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.

Во обвинението не беше опфатена фирмата што го доби тендерите за набавка на опрема за ковид модуларните болници.

Видете и ова: Никој нема да оди во затвор за пожарот во тетовската болница

Во истражувањето на ИРЛ се посочува дека обвинителството имало јасна слика за причините поради коишто се случил пожарот, а се откриваат и пропусти, непотребно одолговлекување и саботирање на истрагата.

Од ИРЛ велат дека со истражувањето се утврдува голем број грешки во дизајнот на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци.

„Со еден збор огромен број човечки грешки и пропусти се комбинирани во несреќата“, соопштуваат од ИРЛ.

Во соопштението од Јавното обвинителство се наведува дека исклучително го ценат придонесот на одговорните и кредибилни медиуми и новинари за навремено и точно информирање на јавноста, меѓутоа апелираат на етичност во известувањето.

Во документарецот беше посочено дека за модуларните болници во екот на пандемијата прво било надлежно Министерството за локална самоуправа, но тоа го поништува тендерот поради неправилности во постапката. Потоа за тендерот станува надлежно Министерството за здравство, а тендерот го добива компанијата Брако на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев. Лицето во Министерството за здравство кое ја подготвило тендерската спецификација, потоа се вработува во Брако. Притоа тендерот се однесува на набавка на стоки, а не на набавка за привремена градба - болница.

Во вештачењата после пожарот се вклучуваат и истражители од Германија. Беше утврдено дека пожарот настанал од продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Германски вештаци и македонскиот вештак електроинженер вистинските причини за пожарот го лоцираат во несоодветната градба и во лошо изведената електрична инсталација, велат од ИРЛ. Но потоа Обвинителството нарачува ново вештачење од Електро-Техничкиот факултет во Скопје, кое тврди дека објектот бил изграден законски и бил исправен „затоа што истиот имал третман на стока, а не на градба“.

Обвинителството не нарачало супер вештачење.