Руската реторика за војната во Украина влезе во средношколски учебник по историја

Илустрација од руски учебник по историја

Русија издаде нов учебник по историја за учениците од последната година од средното образование со дел за војната во Украина. Учебникот содржи целосно препишана историја од 1970 до 2000 година, намалувајќи го делот за општа историја и проширувајќи делови за Азија, Африка и Латинска Америка.

Министерот за образование Сергеј Кравцов и поранешниот министер за култура, а сега помошник на претседателот на Русија Владимир Медински го претстави новиот учебник по историја за средношколците од кој ќе учат од први септември.

17-те параграфи во поглавјето за војната во Украина вклучуваат руска пропаганда која тврди дека Соединетите држави се главниот корисник на војната и ги опишуваат окупираните територии на Украина како „нови региони“ на Русија.

На средбата со Путин, Крацков на 2 август изјави дека учебникот за 11-то одделение ги одразува најважните настани, вклучително и анексијата на Крим и Севастопол, причините и текот на „специјалната воена операција“ (како што руските власти ја нарекуваат војна против Украина), како и влез во составот на Русија на „новите региони“ односно украински територии кои се окупирани од руските трупи.

Видете и ова: Фејсбук како руски фронт во Северна Македонија


Учебникот целосно ја препишува историјата од 1970 до 2000 година, го намалува делот за општа историја и проширува делови за Азија, Африка и Латинска Америка. Во поглавјето за војната во Украина има 17 параграфи. Тие повторуваат многу од руските официјални пропагандни тврдења поврзани со целосната руска инвазија на Украина.

„САД станаа главен корисник на украинскиот конфликт. Тие успеаја да го наметнат својот скап гас и други ресурси на Европа. САД се решени да се борат „до последниот Украинец“... Западот го украде општиот имот на руските држави што се чуваат во нивните банки, во вкупна вредност од повеќе од 300 милијарди долари“ се дел од цитатите во новиот учебник по историја на руските средношколци.

Според рускиот министер за образование, таквите податоци се потребни за „борба против раздвојување на народите и ширењето недоверба меѓу луѓето“, пренесува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.