По 13 години почна ажурирањето на позитивната листа со лекови

илустрација

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска информираше дека е донесен новиот Правилник за ставање лекови на позитивна листа, вклучувајќи ги тука и посебните договори што ќе овозможат достапност на иновативни лекови за нашите пациенти.

Меџити вели дека е формирана стручната комисија која го утврдува предлогот на листата на лекови на товар на Фондот за здравство осигурување.

Оваа комисија, наведе министерот, континуирано ќе работи на изменување и дополнување на Позитивната листа на лекови и верувам дека конечно после долг период ќе воспоставиме функционален систем со цел задоволување на потребите на пациентите со соодветни терапии.

„Грижата за пациентите е наш стратешки приоритет и во таа насока Министерството за здравство континуирано работи на надградување на прописите со кои се уредува областа на лековите,“ нагласи Меџити.

Видете и ова: По лекови во странство

Комисијата е составена од експерти во оваа област, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата, појасни министерот.

Меџити се надева дека фармацевтските компании веќе ја подготвуваат потребната документација за да одговорат на барањата на Правилникот и дека во блиска иднина ќе пристигнат и првите апликации.

Професорката Љубица Шутуркова изјави дека после 13 години повторно се има можност да се ревидира листата и се надева оти „ќе имаме поголема достапност во ограничените македонски ресурси за здравство што ги имаме“.

Министерот Меџити додаде дека нема рок во кој целосно би се обновила позитивната листа на лекови. Рече дека тоа е процес кој спонтано ќе се случува, а фармацевтските компании веќе можат да доставуваат апликации.