Министрите на ДУИ поднесоа оставки, ќе важат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

Али Ахмети - претседател на партијата ДУИ

Министрите од ДУИ поднесоа оставки од функциите кои ги извршуваат, а ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени. Ова го напиша лидерот на интегративците Али Ахмети на неговиот Фејсбук профил.

„Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, стои во обраќањето на Ахмети до премиерот Димитар Ковачевски.

Во обраќањето до Ковачевски, Ахмети вели дека државата се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина и дека ДУИ ќе ја преземе одговорноста како политичка партија. Како што пишува Ахмети, тие се решиле на ваков чекор прифаќајќи го условот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени без ДУИ во влада.

Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.

„Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени“, рече Османи на средбата со новинарите.

Видете и ова: Власта подготвена да се откаже од премиерското столче, ако опозицијата застане зад уставните измени

И вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во понеделникот на телевизиско гостување рече дека се подготвени да излезат од Владата во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени.

Прашан дали ДУИ се подготвени да излезат од Владата доколку тоа е цената што треба да се плати, Груби рече дека не само да излезат од Владата, туку и да се откажат од прв премиер Албанец во Владата и да се откажат од Пржинската Влада.

„Од сето тоа да се откажеме и да одиме или на предвремени избори веднаш по гласањето на уставните измени или да одиме на редовни избори. Ако им се седи во Влада уште една година, пет, шест месеци, 10 месеци колку има, нека си седат во Владата, само нека гласаат за уставните измени. ДУИ во истиот тој момент од изгласувањето на уставните амандмани, излегува од Владата и им овозможува да владеат без ништо од тоа што очекуваме до крајот на мандатот“, рече Груби во понеделникот за Канал 5 телевизија.

Едно од барањата на опозицијата на лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ беше да се формира влада во која нема да учествува ДУИ.

Видете и ова: Мицкоски: Ја прекинуваме официјалната комуникација со власта