Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик изјави дека не се откажува од својата политика, а законите за неприфаќање и необјавување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и високиот претставник на меѓународната заедница во БИХ, Кристијан Шмит остануваат на сила.
Тој истакна дека нема да се откаже од својата политика додека, како што наведе, не се исполнат барањата на РС, додавајќи дека тоа им го кажал и на претставниците на пробосанската коалиција „Тројка“ на последната средба на партиите од владејачката коалиција на државно ниво во Сараево.
„Кога дојдовме на состанокот, исклучиво од нас беше побарано да ги повлечеме овие закони. Веднаш реков дека не можеме да разговараме за ова. РС не го укина Уставниот суд на Босна и Херцеговина, но се противи на бизарната процедура. Во 14 приоритети ЕУ бараат да се реши прашањето за Уставниот суд“, изјави Додик за Радио-телевизија РС (РТРС).
Видете и ова: Ескобар: Сецесионизмот на Додик ја загрозува стабилноста на БиХТој изјави дека „не сака да ја објаснува својата стратегија, која многумина не ја разбираат“, оценувајќи дека неговата партија, Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) има редовни консултации со „Тројката“, што претходно не беше случај со Партијата за демократска акција (СДА), додека беше во владејачката коалиција на ниво на БиХ.
Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, неодамна ги поништи антидејтонските закони донесени од Националното собрание на ентитетот Република Српска во врска со необјавувањето на одлуките на високиот претставник и непримената на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Шмит донесе и одлука за измена на Кривичниот законик на БиХ со што дејствијата што го нарушуваат уставниот поредок ќе се третираат како кривично дело.
Народното собрание на ентитетот Република Српска гласаше за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на ентитетот, што меѓународната заедница, но и дел од функционерите на БиХ го оценија како кршење на Дејтонскиот мировен договор и кршење на Уставот на Босна и Херцеговина.