Земјите членки на НАТО заедно со Украина на 26 јули ја осудија одлуката на Русија да се повлече од договорот за жито од Црното Море и, како што рекоа, намерните обиди на Русија да го запре украинскиот земјоделски извоз.
Во соопштението објавено по состанокот на Советот НАТО-Украина во Брисел, е наведено дека земјите членки на Алијансата ги осудуваат и неодамнешните руски ракетни напади врз Одеса, Миколајев и други пристанишни градови, вклучувајќи го и, како што е наведено во соопштението, „циничниот“ напад на Москва со беспилотни летала врз украинскиот објект за складирање жито во пристанишниот град Рени во Дунав, кој се наоѓа во близина на украинско - романската граница.
„Русија продолжува да покажува целосно непочитување кон меѓународното право и кон луѓето ширум светот кои зависат од украинското жито“, изјави заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана во изјавата.
Дополнително, сојузниците на НАТО најавија дека ќе го засилат надзорот во регионот на Црното Море, вклучително и со поморски патролни авиони и беспилотни летала.
Видете и ова: Зеленски разговараше со Столтенберг за деблокирање на коридорот за жито
Претходно, британското Министерство за одбрана соопшти дека Русија можеби подготвува блокада на Украина во Црното Море.
„Руската Црноморска флота го смени своето држење откако Русија се повлече од Иницијативата за црноморско жито, подготвена е да спроведе блокада на Украина“, е наведено во соопштението на Министерството.
Советот НАТО-Украина служи како платформа со цел да поттикне поблиска соработка додека Украина не ги исполни условите за членство во НАТО.
Договорот истече на 17 јули, откако Русија се повлече, потег за којшто Обединетите нации рекоа дека „ќе им нанесе удар на луѓето кои имаат потреба насекаде“.
Како причина за откажување од договорот, Москва наведе дека се неисполнетите нејзини барања. Дополнително соопшти дека бродовите кои патуваат до украинските пристаништа на Црното Море ќе се третираат како можни воени товари.
Во соопштението на НАТО се вели дека предупредувањето „создава нови ризици за ескалација, како и сериозни пречки за слободата на навигација“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави „јасната и недвосмислена осуда“ на Советот за повлекувањето на Русија од договорот за жито.
„Оформен пред само две недели во Вилнус, Советот веќе се покажа како ефикасен механизам за кризни консултации“, напиша Зеленски на Твитер, мислејќи на самитот на НАТО во Литванија на почетокот на овој месец.
Украина „ќе продолжи да ги исполнува своите обврски во обезбедувањето глобална безбедност на храната. Остануваме обединети со Алијансата додека се движиме по патот кон нашето членство во НАТО“, напиша Зеленски.
Русија истрела низа проектили кон Украина додека се состануваше Советот. Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека украинската војска соборила руски ракети во регионите Киев, Харков и Днепро доцна на 26 јули.