Претстава на Малкович вечер на Охридско лето

На сцената на Античкиот театар во Охрид вечер во 21 часот ќе биде прикажана театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” со светски прославенот актер, сценарист и продуцент, Џон Малкович.

Станува збор за претстава работена според дело и режија на авторот Михаел Штурмингер, во музичка придружба на сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн и оркестарот на „Виенската академија“.

„Пеколната комедија“ всушност претставува сценска изведба на австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер, кој додека е во затвор станува поет и писател, што пак придонесува критиката да го засака, за потоа тој да биде помилуван како „пример за рехабилитација“.

Инаку Малкович лани изјави дека во Скопје ќе гради филмски студија налик на холивудските во околината на градот во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“. Но, проектот остана само на најава, откако од ТИРЗ соопштија дека инвеститорите сакале прво да градат станбени згради, па потоа филмски студија и дека не се работи за стратешки проект.

Видете и ова: Ќе се снимаат ли холивудски филмови во Скопје ?

Џон Гавин Малкович е американски глумец, продуцент и режисер. Најпрво се прославил на театарската сцена, а во 1999 година се игра себеси во филмот „Да се биде Џон Малкович“.

Во својата кариера, тој имал две номинации за наградата „Оскар“, и тоа за улогите во филмовите „Места во срцето“ и „На линијата на огнот“ како и номинации за награда од Британската филмска академија и три номинации за наградата „Златен глобус“. Има настапувано во повеќе од 70 филмови.