Бектеши ја одложи прес-конференцијата, на Влада се уште трае дебата за рудник во Иловица

Министерот за економија Крешник Бектеши

На владина седница се уште трае дебата за спојување на концесиите за рудникот во Иловица. На седницата министерот за економија Крешник Бектеши беше задолжен да реферира за целиот предмет за рудникот кој датира од 2012 година.

Иако првично беше најавено дека по седницата, Бектеши ќе одржи прес-конференција во 14 часот, час и половина подоцна стигна соопштение од Министерството дека пресот се одложува, а терминот дополнително ќе го кажат.

Бектеши требаше да реферира за концесиите уште на седницата минатиот вторник, но бидејќи беше на службено патување, тоа не се случи. Но по враќањето од пат, тој наместо прво пред Владата, се појави на брифинг со медиумите.

Видете и ова: Струмичани на протест поради Иловица, како што го нарекоа, „рудникот на смртта“


Откако на владина седница на 5 јули беа споени концесиите за рудник во Иловица, се одржа протест организиран од невладини организации.

Во меѓувреме дел од министрите најавија можно преиспитување на одлуката за спојување на концесиите, велејќи дека нема да има рудник, ако на тоа се противат граѓаните. Тие беа на ставот дека одлуката за спојување на концесиите била дополнителна точка на владина седница на предлог на Бектеши, а министрите сите гласале „за“ бидејќи Министерството за економија презентирало документ во кој се тврдело дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.

Видете и ова: Разногласие во Влада - од прелажани до непослушни министри


Бектеши, пак, на брифингот со новинарите на 19 јули рече дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд.
„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, рече тогаш Бектеши.

Активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко сметаат дека тој драматично ќе ја загрози животната средина.