Ковачевски: Без уставни измени запира патот кон ЕУ, a тоа ќе влијае и на односите со САД

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски пред собраниската комисија за уставни прашања, 25 јули 2023 година

Уставните измени не се под никаква уцена ниту диктат, рече премиерот Димитар Ковачевски од Собранието порачувајќи им на граѓаните дека не треба да се плашат од измената на Уставот и вметнување на Бугарите и другите народи во Преамбулата.

„Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во Парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Северна Македонија и Албанија, ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат туку дел од преговарачката рамка со ЕУ“, рече Ковачевски, образложувајќи го предлогот за уставните измени пред пратениците во Комисијата за уставни прашања.

Тој ги убедуваше пратениците дека ЕУ не се меша во идентитетските прашања и дека ништо од уставните измени не задира во нив. Пратениците ги убедуваше да гласаат и да ги донесат измените, бидејќи ќе се отворат големи фондови кои ќе донесат просперитет за државата.

„Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат, и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако Северна Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со Соединетите Држави“, кажа Ковачевски.

Видете и ова: Дипломатскиот фокус за уставните измени без поголем ефект?

На седницата на собраниската комисија за уставни прашања има единствена точка на дневниот ред - Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Од 17 присутни членови на Комисијата, „за“ предложениот дневен ред гласаа 10 пратеници, седуммина беа „против“, а воздржани немаше.

Владата минатиот вторник до Собранието го достави предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.

Од опозициската пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Собрание го повторија ставот дека нема да гласаат за уставните измени.

Уставните измени со кои Бугарите треба да се внесат во Уставот на Македонија, се потребни за да може да продолжи евроинтеграцијата на земјата. За уставни измени потребно е да гласаат две-третини од 120 - члениот Парламент, а засега власта го нема потребното мнозинство.