Постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, вели Лоренс Бун - државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција.
„Очигледно е дека постои ризик од раздвојување доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината, вели Бун во интервју за МИА.
Таа додава дека уставните измени се дел од договорот што го постигнале Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување, откако уставните измени ќе бидат изгласани, додавајќи дека нема други барања за започнување на процесот на пристапување.
Видете и ова: Дипломатскиот фокус за уставните измени без поголем ефект?Изјавата на Бун е дел поддршката во изминативе денови која доаѓа од странски дипомати за донесување на уставните измени. Скопје го посетија европски диполомати, а порака испрати и официјален Вашингтон.
Но, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски повторно изјави дека вакви какви што се уставните измени, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги гласа.
Тој во интервју за телевизија Аласат М изјави дека „многу прецизно“ ги следи изјавите и пораките кои доаѓаат од меѓународните претставници во Македонија.
„Тие цело време зборуваат дека нема да има дополнителни услови, за отпочнување на преговорите, и ние сме согласни со тоа, но сме сигурни дека ќе има понатаму дополнителни услови и тоа не може никој од нив да го гарантира“, изјави Мицкоски додавајќи:
„Ако е така бидејќи трпението на граѓаните во Македонија е навистина преголемо и тоа се покажа уште од оној Договор за стабилизација и асоцијација па до денес, цело време има уште ова, уште ова, еве јас ќе дадам предлог нека го избришат билатералниот договор од преговарачката рамка и тогаш е бидеме сите сигурни дека нема да има дополнителни услови, истакна Мицкоски.
Видете и ова: Мицкоски - Текстот на уставните измени е неприфатливУставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започнува точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).
За да се одржи втората конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во Преамбулата се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.
Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.