Доколку не се донесат уставните измени земјата нема да може да оди напред во евроинтеграцискиот процес, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Идејата е да се заврши со оптималното решение, да се внесат во Уставот и да продолжиме понатаму, не заради нас како политичка гарнитура во моментов што раководиме, туку за иднината“, вели Џафери во интервју за МТВ.
За тоа што ќе се случи со земјата доколку не се донесат измените со кои Бугарите ќе се внесат во Уставот, не треба да се бараат туѓи искуства, бидејќи имаме свое искуство, вели Џафери и го посочува Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и она што се случуваше со земјата потоа.
„Искуството покажува дека колку и да е, условно кажано, дилема по однос на моменталното решение, идното решение може да биде само полошо“, вели Џафери.
Видете и ова: Дипломатскиот фокус за уставните измени без поголем ефект?
Во 2008 на Самитот во Букурешт на НАТО, Македонија иако очекуваше не стана земја членка на Алијансата.
Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница.
Пратениците на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ иако се противат на измените, ќе учествуваат во собраниската Комисија за уставни прашања, што Џафери ја закажа за вторник 25 јули.
Тие ќе учествуваат во дебатата за да ги кажат аргументите против уставните измени, велат од партијата.
Џафери вели дека ги преземал сите мерки за да се подготви Собранието и да биде подготвено процесот да тече во најдобар тек.
Пленарната седница на која треба да се гласа потребата од носење на уставни измени е закажана за 18 - ти август.
Процесот на уставни измени во Собранието започнува точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).
За да се одржи втората конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него.
Освен бугарскиот народ, во Преамбулата се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.