Владата на 18 јули го усвои текстот на иницијативата за уставни амандамани и донесе одлука документот да биде доставен до Собранието, се наведува во соопштението по денешната владина седница. Владата ја усвоија иницијатива за измена на Уставот со која во Преамбулата покрај бугарскиот ќе бидат додадени уште пет други народи. Отворањето на кластерите во преговорите со Европската Унија е условено со вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Амандманите на Уставот кои Владата ги прифати се однесуваат во делот на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот.
„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“, се вели во соопштението на владината прес служба.
Во него е посочено дека е направена и измена во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
„Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало“, е наведено во соопштението.
Владата соопшти дека очекува конструктивност од сите политички партии, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување на натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија.
„Ваквата одлука на Собранието на Република Северна Македонија ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ“, соопшти Владата.
Од опозициската пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Собрание го повторија ставот дека нема да гласаат за уставните измени.
„Ставот нема да го промениме. Од нивна страна се кажува дека ова е последниот момент, фатете го бранот, ова е последниот воз. Ние повторуваме дека на неколку наврати разни ликови доаѓале во Македонија и ни го кажувале истото, но и после 15,16 години Република Македонија не е членка на ЕУ и нема започнато преговори. За жал сега сме пред врата на ултиматум. Ставот само го повторивме. Нема отстапено ниту милиметар од претходниот став, изјави пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во одговор на прашањето како поминала вчерашната средба со министрите за Европа на Франција, Германија и Полска со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
За да се донесат уставните измени во законодавниот дом, потребно е двотретинско мнозинство, кое засега владејачкото мнозинство го нема.